Лидерот на ДПА кршел билборд и одлепувал плакати на Алијанса за Албанците во Тетово

Мендух Тачи, актуелен пратеник од Демократската партија на Албанците (ДПА), доцна ноќта кон четвртокот учествувал во вандализирање на изборен материјал на политички опонент во Тетово.

Станува збор за одлепување плакати и кршење билборд на кој бил истакнат кандидатот за градоначалник на политичката партија Алијанса за Албанците во Тетово.

„Денеска во 01:50 чaсот во СВР-Тетово било пријавено дека на ул.’Илинденска’ од страна на неколку лица кои се движеле со ПМВ ’Голф’ и ПМВ ’Ауди’ црна боја со затемнети стакла, биле одлепувани плакатите, а во близина на бензиската пумпа на ’Макпетрол’ бил и искршен билборд на кој бил истакнат кандидатот за градоначалник од политичката партија Алијанса на Албанците“, стои во извештајот на МВР.

По преземените мерки, набрзо биле пронајдени и стопирани возилата од страна на УПС и при легитимирањето било констатирано дека во едно од возилата, ПМВ „ауди“ се наоѓа пратеникот од редовите на ДПА, Мендух Тачи.

Откако е извршена консултација со Јавното обвинителство, лицата веднаш биле ослободени, а по преземање на соодветни мерки настанот ќе се процесуира по редовна постапка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.