Лидерот на Северна Кореја ја повика армијата да се подготвува за војна

Лидерот на Северна Кореја Ким Јонг Ун ги повика вооружените сили на земјата да бидат подготвени да започнат војна без предупредување. Тој го изјавил ова за време на посетата на 526-тиот дел на корејската армија во градот Нампхо во рамките на прославите по повод годишнината од назначувањето на неговиот татко Ким Џонг Ил за врховен командант, соопштија севернокорејските државни медиуми, цитирани од „Би-Би-Си“.

Лидерот на Северна Кореја бил придружуван од шефот на севернокорејската армија Чхве Рен Хе, кој по егзекуцијата на тетинот на Ким Јонг Ун е сметан за вториот човек во државната хиерархија.

Минатата недела Пјонгјанг испрати факс до јужнокорејското Министерство за одбрана, во кое се закани дека ќе нанесе безмилосен удар без предупредување.

На 16 декември претседателот на Јужна Кореја, Пак Ген Хи, го повика населението на земјата да е подготвено на „бесмислени провокации“ од страна на севернокорејските власти по егзекуцијата на тетинот на севернокорејскиот лидер.