ЛИДЕРСКА ДО КРАЈОТ НА НЕДЕЛА: Ќе се договорат ли Заев и Мицковски за СЈО?

Лидерската средба која што ја побараа ВМРО ДПМНЕ, а премиерот Зоран Заев се согласи да ја организира ќе се случи до крајот на недела. Неофицијално , првично е договорено разговорите меѓу првиот човек на опозицијата, Христијан Мицковски и Заев да се случат в недела.

Главната тема на средбата се очекува да биде предлог законот со којшто се уредува работата на Специјалното јавно обвинителство во иднина и со кое институцијата предводена од обвинителката Катица Јанева треба да стане перманентен дел од правосудниот систем на државава.

Од ВМРО ДПМНЕ велат клучниот став кој што ќе го стават на маса е дека СЈО досега се користеше единствено за политички прогон. Од партијата велат согласни се да постои институција која ќе ги истражи докрај сомневањата за злоупотреби од страна на претходната власта, но исто така е потребна независна истрага и за актуелните криминални активности и сметаат дека Јанева не е способна да го строи тоа. Се очекува опозицискиот лидер да го потсети Заев и на неговото предизборна ветување за законски измени со кои изборот на републички јавен обвинител ќе се прави во предлог на опозицијата.

Заев вели подготвен е да разговара со опозицијата бидејќи дијалогот е клучен за евроатлантските интеграции. Барањето на опозицијата, вели премиерот, не ми се познати.

Во однос на законот за СЈО посочи дека процесот на реформските закони ги води одделно секој министер и во овој случај очекува Рената Дескоска да се види со координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, со координаторот на новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, со Зијадин Села и неговите претставници од Алијанса за Албанците, како и со претставници на Беса.

„Ќе разговараме и за реформските закони, но ниту јас ниту Мицкоски сме најстручни, треба стручни луѓе од Парламентот и од Министерство за правда да седнат на маса“, рече Заев.

Предлог законот по усвојувањето на владина седница е пратен во Собрание. За негово усвојување потребно е двотретинско мнозинство односно неопходна е поддршката на ВМРО ДПМНЕ.