Лидерска средба со учество на Заев и Мицкоски е можна во вторник

31

Во вторник во Собранието најверојатно ќе се одржи лидерска средба за измените во законот за Јавното обвинителство, дознава Press24 од партиски извори, на која ќе присустуваат премиерот Зоран Заев во својство на челник на владејачката СДСМ, и Христијан Мицкоски, како лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ

Претходно во петокот премиерот Зоран Заев изјави дека е оптимист оти работните групи во двете најголеми партии ќе најдат заеднички јазик за измените во законот за Јавното обвинителство, а доколку решат дека има потреба за лидерска средба тој е подготвен на таков начин да придонесе законот да се донесе пред 15-ти септември.

Од ВМРО-ДПМНЕ ја потврдуваат оваа информација. Од партијата велат дека ситуацијата налага лидерите да седнат на заедничка маса за да може да се донесе законското решение.

Според партиски соговорници, и денешната средба на работните групи е во насока на подготовка на темите за лидерската средба.

Покрај измените во Законот за јавно обвинителство кои како тема ќе доминираат на лидерската средба, според нашите извори ќе се отворат и други теми меѓу кои и онаа за организација на предвремени парламентарни избори.

Сѐ уште нема информација во кој формат ќе се организира лидерската средба и дали покрај Заев и Мицкоски на маса ќе седнат и други лидери на политички партии.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.