Лидерска средба за изградба на државнички став за името, јазикот и односите со соседите

Деновиве се почесто слушаме најави дека спорот со името ќе биде решен, и тоа со точна временска одредница дека тоа ќе биде направено до јули годинава, иако македонската јавност се уште не знае што точно се преговара и договара со Грција. Слушнавме дека од македонска страна се прифатени и усогласени три ставови од вкупно седум во преговорите со Грција, како и тоа дека се прифаќа географска одредница во името.

Слушаме дека на Законот за јазици се чекало 150 години, па сега не било проблем да се причека уште некој ден, бидејќи тој бил речиси усвоен. Бугарија и Грција си кројат кои додавки и придавки не би било згодно да влезат во новото име на Македонија. Грција бара новото име да биде за сите употреби, вклучувајќи и домашна употреба, што налага и измени на Уставот.

Гледајќи го сето ова се добива една слика дека Македонија е ставена под надворешен, но и внатрешен притисок, постојано да прави отстапки. Поради тоа, со право и Партијата на обединети демократи на Македонија (ПОДЕМ) отворено прашува дали постои можност и ние како држава, да кажеме што сакаме и до каде ќе попуштаме или пак само ќе слушаме и се ќе прифаќаме.

Оттука,  повикувам на лидерска средба за изградба на државнички став за името, јазикот и односите со соседите.

Лидерите на релевантните политички партии во Република Македонија, пред се најголемите партии од позицијата и опозицијата, итно и неодложно да седнат на иста маса и заеднички да изградат ставови во однос на националните интереси. Само така ќе биде јасно до каде најдалеку Македонија може да оди со отстапки, а на што понатаму не смее да се попушта.

Потребно е да се изградат државнички ставови, кои што ќе го одредат односот на Македонија кон овие клучни прашања, без оглед на тоа која партија е на власт. Позицијата и опозицијата мора да бидат обединети околу националните интереси. Со таква обединетост, со цврсто изградени државнички ставови, треба да се настапува и кон соседните држави и кон меѓународната заедница, како и кон внатрешните состојби поврзани со етничките заедници.

Само така Република Македонија ќе покаже дека е демократска држава, која никому не ги оспорува правата, но држи и до своите права и не дозволува тие да бидат оспорени од никого, ни од внатре, ни од надвор. Уставно втемелените вредности треба да ги почитуваат сите кои живеат во Република Македонија, без оглед на националната или партиската припадност.

Употребата на јазиците не смее да биде во полза само на една етничка заедница, а на штета на другите.

Никој не го оспорува демократското право на употреба на албанскиот јазик, но тоа треба да биде во рамките на Уставот на Република Македонија. Законот за јазици всушност и не треба да го носи тоа име, бидејќи не ги опфаќа јазиците на другите етнички заедници во Македонија. Со овој закон се излегува надвор од рамките на Уставот и ќе биде невозможно тој да оди понатаму без интервенции согласно поднесените амандмани (Подобро е законот да биде прочистен во Собранието на Република Македонија, одошто да падне на Уставен суд).

Но, кога ќе се земе во предвид големиот број на поднесени амандмани најдобро е законот да биде повлечен. Причината за тоа е што е невозможно, во разумен временски рок да се прегледаат сите амандмани. Од друга страна, ако се прифатат потребните амандмани Законот видно ќе се измени. На тој начин, ништо нема да остане од законот кој беше поднесен, односно тоа веќе нема да биде истиот закон.

Ваков каков што е, Законот за јазици, ги дискриминира другите етнички заедници. Правата на Македонците во Тетово, Гостивар, Кичево или во други Општини со мнозинско албанско население, стануваат подредени во споредба со правата на Албанците во однос на користење на албанскиот јазик. Законот за јазици ќе предизвика и огромни проблеми во администрацијата, во општините, во образованието и воопшто во сите државни установи. Почитувањето на законот ќе стане огромен административен, но и финансиски товар.

Законот за јазици треба да се повлече и затоа што со него е злоупотребено европското знаме, но и заради настаната ситуација со големиот број на поднесени амандмани по оправдано непотпишување од страна на Претседателот. Заради овој закон се запоставуваат законите кои навистина подлежат на европско знаме. Покрај тоа во Македонија веќе постои  “Законот за употребата на јазикот што го зборуваат најмалку  20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа” изгласан во 2008 година. Овој закон би можел евентуално да се надгради во Собранието, но во рамките на уставот на Република Македонија. Во тој закон се опфатени сите етничи заедници. Оттука, сега е потребно сите политички партии да се усогласат по ова прашање и со повлекување на Законот за јазици  да се даде приоритет на законите кои чекаат, а кои се дел од планот ,,3-6-9,,. Ако нас ни е толку многу важно влегувањето во ЕУ  и НАТО, тогаш приритет треба да се даде на тие закони, а законот за јазици сега треба да се тргне настрана, бидејќи очигледно е дека околу него има проблем кој нема лесно и брзо да се надмине, иако некој сака да го протурка законот на мала врата.

Во однос на договорот со Бугарија, на прв поглед е добро што се мисли дека се воспоставени добри меѓусоседски односи и е за поздравување. Но, вистината е што во овој договор немаме реципроцитет, каде што би се застапиле и правата на Македонија. Но, со ваков договор, односите нема да бидат добри ако во договорот се внесени само правата на една земја. Во овој случај тоа се само правата на соседот, а не и правата на нашата земја. Нема реципроцитет и исклучиво се запазени правата на бугарската страна, при што се откажуваме од Македонското малцинство во Бугарија, прифаќаме соседната држава кај нас да исправа, по нејзино видивување грешки или историски неправди, во учебниците во Република Македонија.

Спрема тоа, ценам дека ова никако не води кон добрососедски односи со Бугарија.

Покрај тоа, убеден сум дека тој договор, ќе биде злоупотребен подоцна, откако ќе биде прифатен во Обединетите Нации. Сметам дека ќе се злоупотреби од страна на други соседни држави кои ќе го следат истиот принцип при склучувањето на такви договори. Затоа, треба убаво да си ги отвориме очите во односите со соседните држави, бидејќи историјата многу пати досега ни покажа дека соседите во односот кон Македонија гледале само нешто да земат, нешто што не им припаѓа по ниту една основа.

Оттука, прашање е сега што и Бугарите и Грците ќе исправаат во нашите учебници. И дали тие имаат право да исправаат историски неправди во нашите учебници, а колку нас ни е дозволено и ние да исправаме било што во нивните учебници. Каде е тука начелото на реципроцитет и зошто тоа не се применува?

Слушнавме дека Бугарија се противи евентуалното решение на спорот за името да содржи географска одреденица која ќе биде на нејзина штета. Очигледно е дека досега направените отстапки кон Грција и тајното преговарање ги разгоруваат апетитите на оние кои, неповикани, сега сакаат да и кумуваат на Македонија и долеваат масло на огнот.

Јавноста мора да знае што точно се преговара и договара со Грција, за да се исклучат секакви шпекулации. Само транспарентниот процес може да ги увери сите дека навистина се работи на решение кое нема да биде на ничија штета. Од друга страна транспарентноста нема да им остави простор за манипулации на оние, кои под превезот на грижата, кријат свои понакви аспирации, кои на овие простори се добро познати со векови наназад.

Затоа, повикувам да се престане со отстапките кон соседите, а особено тоа да не се прави без реципроцитет. Да се изгради став до каде тие отстапки можат да одат, а преку што веќе не смее да се премине. Никој нема право сам да одлучува за овие клучни прашања, затоа политичките лидери треба веднаш како приоритетно прашање да изградат заеднички став, кој ќе биде основа на една поширока државна стратегија во однос на прашањата за името, јазикот и односите со соседите.

Автор: проф. д-р Живко Јанулоски, Претседател на ПОДЕМ

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.