Лидл во германски Нордерштет продавал масло за јадење само на лица над 18 години

Менаџерите на продавницата Лидл во Нордерштет во германската покраина Шлезвиг-Холштајн за кратко време продавале сончогледово масло само на оние клиенти кои имаат над 18 години што предизвика гнев кај жителите. На ваков драстичен потег се решиле бидејќи многу родители ги праќале своите деца во продавница за масло, откако самите купиле шише масло.

Да потсетиме, во Германија, поради недостаток на масло, во продавниците може да се купи само едно шише масло по домаќинство.

„Во Лидл во Нордерштет (Шлезвиг-Холштајн), неколку клиенти се обидоа да го заобиколат ова правило и ги испратија своите деца поединечно на благајните за да добијат повеќе шишиња сончогледово масло. Затоа, менаџерите на продавниците мораа да реагираат со забрана за продажба на деца“, велат од филијалата Лидл, пренесува Феникс магазин.

Веста брзо се прошири на социјалните мрежи, а многу клиенти изразија огорченост и гнев поради постапките на Лидл. Но, има и такви кои ги критикуваат клиентите кои на овој начин сакаат да добијат повеќе шишиња масло.

На крајот се огласи Лидл Груп, која не се согласуваше со ваквата постапка на својата подружница и веднаш ја повлече спорната мерка. „Ги замолуваме нашите клиенти за разбирање и сакаме да им се извиниме за непријатностите. Мерката веднаш беше повлечена“, велат од Лидл Груп.