Лифтовите во катните гаражи на „Паркинзи“ не функционираат повеќе од 10 месеци

Лифтовите во катната гаража „Тодор Александров” во центарот на Скопје спроти Министерството за финансии не функционираат повеќе од 10 месеци.
Граѓаните се гневни поради неодговорноста на институцијата, ако се земе предвид дека оваа катна гаража е една од најпрометните и најскапите по цена на билет во центарот на градот.

Револтирани граѓани кои ја користат катната гаража велат дека веќе десетина месеци се принудени да се симнуваат пеш од најгорните ката. Една од работите кои им ја забележуваат граѓаните на вработените од катната гаража на ЈП „Градски паркинг“ е тоа што атрактивните паркинг места од првите ката ги блокираат со „чунови” или со ланци, чувајќи ги за нивни блиски луѓе, а притоа седат празни.

Особено е лоша состојбата за лицата кои се со посебни потреби, тие не можат да одат кон горните ката бидејќи лифтовите се нефункционални. ВИП билетите кои што ги имаат постојаните корисници на катната гаража исто така не секогаш функционираат иако се платени, поради повремени недостатоци кои се јавуваат во софтверот на рампите.

Граѓаните се видно револтирани и за нехигиената и хаотичната состојба во која се наоѓа катната гаража, како и за лошиот однос од страна на вработените кон корисниците на гаражата. Како што велат, ниту некој се грижи за овој објект кој е еден од најатрактивните за паркирање во центарот на градот, ниту пак се обидува нешто да направи.

Катната гаража е пуштена во употреба пред три години, има капацитет од 604 паркинг места, од кои функционални околу 400, додека пак има и оспособени паркинг места за лица со посебни потреби.

Во последните 10 месеци, објектот константно пропаѓа и предмет на негрижа и уништување.