Фудбалските репрезентации на Италија и Германија, кои во штотуку завршените квалификации за Светското првенство во Катар доживеаја домашни порази од селекцијата на Македонија, во саботата во вечерниот термин во Болоња одиграа 1:1 во рамките на новиот циклус натпревари во елитната Лига А од Лигата на нациите.
Во првиот дел кој заврши без голови, Германците имаа потполна доминација но не успеаја посериозно да го загрозат голот на Џанлуиџи Донарума. Сепак, Италијанците поведоа со голот на „среднистот“ на Рома, Лоренцо Пелегрини во 70 минута, но нивното водство траеше само три минути, а Џошуа Кимих го спречи првиот пораз на 57-годишниот селектор Ханси Флик во неговиот десетти натпревар како селектор.
Италијанците не успеаја да победат ниту во третиот последователен натпревар на свој терен. На актуелните европски прваци им беше потребна победа над Швајцарија за директен пласман на Светското првенство но дуелот заврши 0:0, а потоа во баражот ги шокираше Македонија со 0:1.
Ова беше историски пласман на македонската селекција во квалификациите за светските првенства, а потоа потклекна на последниот чекор против Португалија (0:2), а сѐ започна во април 2021 година на почетокот од циклусот кога во Дуизбург со 2:1 беше совладана токму Германија, која како и Италија е повеќекратен светски и европски првак.
Претходно во оваа ткн „група на смртта“ во Будимпешта Унгарија ја совлада Англија со 1:0.
Во мечот од Лигата Б во Подгорица селекцијата на Црна Гора со 2:0 ја надигра Романија. Првиот погодок го постигна напаѓачот на јужнокорејски Инчеон Стефан Мугоша во 66 минута, а вториот играчот на романски Арад, Марко Вукчевиќ во 87 минута.
Во оваа група Финска и БиХ одиграа во Хелсинки без победник 1:1.
Во Лигата Ц, Турција во Истанбул со 4:0 ги победи Фарските острови. Стрелци беа Ченгиз Ундер во 37, Халил Дервишоглу во 47, Сердар Дурсун во 82 и Мериг Демирел во 85 минута,
Во оваа група Луксембург славеше со 2:0 во Вилнус над домашната Литванија.