Лига на шампионите: Интер оствари солидна предност пред реваншот со Милан

Inter Milan's Bosnian forward Edin Dzeko (R) shoots to open the scoring during the UEFA Champions League semi-final first leg football match between AC Milan and Inter Milan, on May 10, 2023 at the San Siro stadium in Milan. (Photo by Marco BERTORELLO / AFP)

Во првиот натпревар од полуфиналето на фудбалската Лига на шампиони, Интер како гостин на „Сан Сиро“ пред 75.532 гледачи го совлада градскиот ривал Милан со 2:0, со што направи голем чекор кон пласман во финалето.

Головите за Интер ги постигнаа Един Џеко во 8 и Хенрик Мхитарјан во 11 минута. Реваншот е на 16-ти мај, секако повторно на „Сан Сиро“.

Поминаа 13 години откако еден од двата милански великана стигна до финалето на Лигата на шампионите, но оваа година тоа ќе се промени. Двата меча меѓу Интер и Милан ќе го дадат противникот на подобриот од пресметката меѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити. „Нераѕурите“ по првите 90 минути од полуфиналето се поблиску до тоа.

Последен милански клуб во финалето на Лигата на шампионите беше Интер во 2010 година, кога „Црно-сините“ во финалето го совладаа Баерн со 2:0, со Горан Пандев во составот, освојувајќи ја третата европска титула. Од друга страна, Милан седум пати беше најдобар тим на Стариот континент, последен пат во 2007 година.

Вечерашниот натпревар на Меаца беше четврти „Дерби дела Мадонина“ сезонава, а Интер славеше по третпат. Во Серија А, Милан победи со 3:2, а Интер одговори со победа од 1:0. Двата големи ривала играа и во италијанскиот Суперкуп, во Ријад, каде Интер победи со 3:0. Интер вечерва повторно славеше (2:0), а ова е првпат по повеќе од 40 години Милан да не постигне гол во три последователни градски дербија. Последен пат Милан не постигна гол на три последователни натпреварс против Интер меѓу октомври 1979 и септември 1980 година.

Треба да се додаде и дека ова беше првото соочување меѓу „Нераѕурите“ и „Росонерите“ во Лигата на шампионите по таканареченото „дерби на срамот“ во 2005 година. Милан тогаш победи со 2:0 во првиот меч од четвртфиналето, но реваншот беше прекинат во 73 минута кога Милан водеше (1:0) поради нередите на навивачите на Интер.

Вечерашниот натпревар почна фантастично за гостите. Во осмата минута Хакан Чалханоглу ја нафрли топката од корнер, а Един Џеко со волеј го проби Давиде Калабрија за водство од 1:0. Напаѓачот на БиХ со тоа стана вториот најстар играч кој постигнал гол во полуфиналето на Лигата на шампионите. Напаѓачот на Интер успеа да го направи тоа со 37 години и 54 дена, додека рекордер е Рајан Гигс од Манчестер Јунајтед, кој се запиша меѓу најдобрите стрелци со 37 години и 148 дена.

Само три минути по голот на Џеко следеше нов шок за домаќините. Федерико Димарко убаво одработи за Мхитарјан, кој мина низ противничката одбрана, излезе сам пред Мајк Маињан и погоди за 2:0. Во 16 минута можеше да биде и 3:0. Хакан Чалханоглу шутираше од 25 метри и ја погоди стативата.

Првата опасност пред голот на Онана ја видовме во 30 минута, Калабрија се обиде со петица, но неговито обид мина покрај голот. На домашните навивачи уште еднаш им се „смрачи“ во 32 минута кога шпанскиот судија Хесус Гил Манцано го окарактеризира стартот на Симон Кјаер над Мартинез како пенал. Сепак, по повик од ВАР собата, тој ја смени одлуката. Во финишот на првото полувреме Милан го зголеми притисокот, но не успеа конкретно да се закани кон противничкиот гол.

Првата сериозна шанса Милан ја имаше во 48 минута кога Брахим Дијаз шутираше од работ на шеснаесетникот, но покрај стативата. Во 51 минута се закани и Жуниор Месијас, но исто така непрецизно. Во 53 минута Џеко можеше да го реши прашањето на победникот, излезе сам пред Маињан, но францускиот голман одлично реагираше.

Домашните најблиску до гол се доближија во 63 минута кога Сандро Тонали ја прими топката во шеснаесетникот и веднаш шутираше, но таа ја погоди левата статива. Во финишот на натпреварот Интер се повлече бранејќи ја солидната предност, додека Милан со јалови напади се обидуваше барем да го ублажи поразот, но не успеа. Реваншот е на 16-ти мај на Сан Сиро.

Во втората полуфинална двојка, Реал Мадрид и Манчестер Сити во вторникот одиграа 1:1 на „Сантијаго Бернабеу“. Винисиус Јуниор го доведе „Кралскиот клуб“ во водство во 36 минута, а израмни Кевин Де Брујн во 67 минута. Реваншот е на 17 мај во Манчестер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.