Ликовен перформанс на повеќе локации во Скопје

Ликовен перформанс, односно изложба под отворено небо, под наслов „Метаморфоза“ ќе биде отворена  денеска од 20 до 24 часот на неколку локации во Скопје:  Дом на АРМ, плоштад „Македонија“ и плоштад „Филип II“. Изложбата е во организација на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), а во рамки на Скопско лето 2014.
Во овој проект, учествуваат повеќе автори: Гордана Вренцоска, Исмет Рамиќевиќ, Деспина Крстевска, Филип Фидановски, Ели Аиноска, Јана Манева Чупоска и Јовица Мијалковиќ, кои со своите дела работени во повеќе ликовни медиуми имаат за цел да одговорат на овој предизвик.
Дел од авторските дела ќе може да се посетат само во одредени саатници и тоа: Ликовниот перформанс на Јовица Мијалковиќ е во 20.30 часот, на плоштадот „Филип II“, ликовно театарскиот перформанс на Јана Манева Чупоска е во 21 часот, излог на продавница Calliope (City Galery) и ликовниот перформанс на Филип Фидановски е во 22.30 часот во ресторанот „Тиволи“ (ул. 11 Октомври – плоштад Македонија). Останатите дела ќе може да се видат во текот на целата вечер.