„Ликовна симфонија на душата“ на Тања Таневска во Чифте амам

„Ликовна – симфонија на душата“ е насловена самостојната изложба на уметницата Тања Таневска, што од вторник, 14 ноември, ќе се одвива во Чифте амам во Националната галерија на Македонија. За нејзините слики, колажи, се вели дека се „создадени во комбинација од осаменост, вечна борба, мистерија и реалност, поезија, музика и драма“.

Во пресрет на најновото самостојно ликовно претставување на уметницата Тања Таневска во Чифте амам, во Национална галерија на Македонија, историчарот на уметноста и куратор Љупчо Маленко, во својот текст печатен во каталогот за изложбата ќе забележи дека „авторката е скромна, чесна, искрена и вредна личност, токму како и нејзината уметност. Дека нејзините слики не се наметнуваат туку привлекуваат. Пренесуваат мисли во бои, звуци, пораки…“

Таа е уметница – мислител која го крие својот аналитички ум. Гради остров на мир и љубов. Откако го пронаоѓа својот сопствен свет и јазик на уметноста и ја осознава уметноста на сликање, на сликата ѝ приоѓа со внимание и почит. Таа не е следбеничка на големите предци и правци во уметноста, бидејќи создава оригинална иконографија. Сликите (колажи) се создадени во комбинација од осаменост, вечна борба, мистерија и реалност, поезија, музика и драма. Заради сето тоа нејзината уметност бара внимателен пристап за да биде разбрана – пишува Маленко.

Тој дополнува дека иако нецелосно ослободени од третираните претстави (колажни претстави на музички инструменти и на моменти нагласен еротизам) во зависност од облините на инструментот, го потенцираат машкиот и женскиот принцип на постоење и заклучува дека „уметница се изразува како поетеса и симфоничар со метафора и нијанси на аналогија“.

А, Тања Таневска знае да каже дека долго време инспирација и се јапонските и кинеските букви и дека таа калиографија ја применува и на актуелните дела. Дека работи принцип на сува игла која е графичка техника, но која таа ја применува на своите цртежи – гребе на нив, нанесува боја, ја вади бојата…и слично. Продолжетокот на овој циклус е во тоа што врз јапонските букви таа се обидува да направи колаж на музички инструменти. Дека тоа се асоцијативни, жичани инструменти каде тоновите се окерасти, кафејавкасти, црни, сиви…при што боите на струната се црвена и циклама.

Појаснува дека инспирацијата за жичаните инструменти кои се малку кубистички пренесени и е од една групна изложба одржана во Ниш, соседна Србија, каде што темата била Пикасо, еден од нејзините омилени автори.

„Сето тоа е комбинација на цртеж со колаж и колажот е рециклиран материјал – картони и женски чорапи. На тој начин тука ја спојувам еротиката со музиката. Сите се обидуваат отпадот да го отфрлаат, а јас се трудам од него рециклирано да направам уметничко дело. Значи неговата намена била еднаш во еден облик, сега јас ја пренесувам во друг облик. Тоа е целата инспирација на овие мои колажи“, истакнува Таневска.

Дополнува дека музиката има засебно место во нејзиното творештво. Дека тоа заедно со сонцето и е енергија на животот и дека без тие две работи денот не може да и започне убаво. Вели дека сонцето не го нарачуваме, но само штом ќе отвори очи веднаш се обидува да вклучи музика. А, слуша жанровски разновидна музика – џез, блуз, фанк, класика…

„Целата таа музика што ја слушам со моите емоции ја пренесувам на моите дела. Искрено да кажам дека доста често кога во фокусот ми е некој текст од одредена композиција, а притоа го завршувам делото, оној стих, онаа реченица што ќе ми остане во мислите ја пренесувам на него. Тоа го вметнувам како наслов на делото. Така го запишувам. Едноставно, затоа и мојата изложба е како некаков интимен дневник. Јас тоа така би си го нарекла“, вели таа.

Конечно, на изложбата во Чифте амам, Таневска ќе понуди шеесеттина дела селектирани од творештвото во последниве четири години, слики-колажи од кои некои се дел од циклусите претставени во Софија, во Бугарија, во Прилеп и на гостувањето летово на еден фестивал во Словенија.

Инаку, Тања Таневска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на професор Рубенс Корубин во 1996 година. Член е на ДЛУМ од 1997 и учесничка е на десетици самостојни и повеќе од 180 групни ликовни изложби во земјата и странство, како и на 35 домашни и меѓународни ликовни колонии. За сопственото творештво добитничка е на неколку значајни домашни награди на изложби одржани во организација на ДЛУМ, како и на награда од Интернационалното биенале на мал формат во Рацибор, Полска.