Лил го доби дербито со Лион, убедлива победа на Рен

Во дербито на 28-то коло од француското фудбалско првенство, Лил го победе Лион со 1:0 впишувајќи го шестиот триумф во последните седум кола, важна победа оствари Рен декласирајќи го Монпелје со 5:0, а Сен-Етјен и Бордо одиграа 1:1.

Дербито меѓу Лил и Лион го реши голот на Лоис Реми кој погоди во 33 минута против својот поранешен клиб. Реми кариерата ја започна во Лион каде што не добиваше многу шанси, а потоа играше за Ница, Марсеј, Квинс Парк Ренџерс, Челзи, Њукасл Јунајтед и Лас Палмас. Во Франција се врати во јули 2018 година кога потпиша за Лил.

Лион во продолжението од мечот имаше неколку добри шански, а последната не ја реализираше Бетран Траоре во втората минута од судиското продолжение. Лил сега е четврти со 49 бодови, еден помалку од третиот Рен, додека Лион е седми со 40 бодови.

Рен со победата над Монпелје сега со 50 бодови, шест помалку од вториот Марсеј, го задржа третото место со коешто обезбедува квалификации за Лигата на шампионите. Монпелје, пак, остана осми во групата екипи нсо по 40 бодови.

Стрелци за Рен беа Фету Мауаса во 9, Андриен Уну во 28 и 87 минута од пенал, Флавиен Тет во 68 и Ромен Дел Кастиљо во 73 минута од пенал.

Сен-Етјен и Бордо одиграа 1:1, продолжувајќи ги сериите без победа во првенството на седум и на пет кола. Гостите поведоа во 65 минтуа со голот на Џош Маја, а домашните израмнија само три минути подоцна преку Денио Буанж. Последните дваесетина минути Сен-Етјен ги одигра со играч помалку, откао во 75 минута беше исклучен Мехди Камара.

Сен-Етјен е 17-ти со 30 бодови, три повеќе од следниот Ним кој го држи местото кое води во разигрување за опстанок. Бордо е 12-ти со 37 бодови.