Линијата „4“ на ЈСП од денес со нова траса на движење

Од денеска автобусите кои сообраќаат на линија 4 во реонот на Ѓорче Петров се движат по нова, изменета траса од досегашната, односно минуваат од кај пазарчето и црквата, информира ЈСП Скопје.

Во насока од 11 Октомври кон Хром, од булевар „Партизански одреди“ возилата сообраќаат до кружната крстосница кај црквата „Свети Апостол Петар и Павле“, потоа вртат лево по булевар „Македонска војска“, па продолжуваат лево по улица „Ѓорче Петров“ и кај кружниот тек (споменик на Ѓорче Петров) вртат десно по улица „Воин Драшковиќ“ до крајната/почетната постојка во Хром.

Посочениот режим важи и во обратна насока, односно од Хром кон 11 Октомври.

Новиот режим на сообраќање е согласно измената на Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје, која беше донесена на последната Седница на Совет на Град Скопје со која се усвоија и нови возни редови за повеќе линии.

Со одлуката, извршено е усогласување на возните редови на линиите 4, 4а, 64а, 73 и 163 кои се достапни на веб страницата на ЈСП Скопје (www.jsp.com.mk).

-Посочените корекции се направени врз основа на искажаните потреби на корисниците на јавниот превоз и извршените анализи на податоци од системот за АВЛ и SMART TIKETING, се со цел давање поквалитетни превозни услуги и поголема достапност на корисниците до мрежата на линии, информираат од претпријатието.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.