Лион среќно го доби дербито на Франција

Во едно од најголемите фудбалски ривалства во францускиот фудбал Олимпик Лион славеше над Сен Етјен со 2:1, со пресврт и откако гостите во последните минути не реализираа пенал.

Сен Етјен поведе во 40 минута со автоголот на домашниот голман Антони Лопез, од чиј шут топката се одби од Денис Буанга во голот. Меѓутоа, Лион во продолжението направи пресврт, а давата погодока ги постигна Тино Кадавере во 65 и 74 минута. Сен Етјен во 89 минута имаше пенал за 2:2, но Буанга шутираше крај голот.

Лион со 17 бодови, пет помалку од водечкиот ПСЖ но само два зад второпласираниот Лил, е на петтата позиција. Сен Етјен, кој добро ја започна сезоната, веќе нанижа шест порази и се спушти на 15-то место со 10 бодови.

Во претходно одиграниот меч Монако ја совлада со 2:1 Ница на нејзин терен, остварувајќи ја втората победа во низа односно петта во досегашниот дел од шампионатот. Монако поведео со головите на Аксел Дисаси во 23 и на Софеан Диоп во 53 минита, а Ница намали во 69 минута преку Пјер Лес-Мелу.

Монако се искачи на шестото место во групата екипи со 17 бодови која ја води Лион а ја завршува осмопласираната Ница.

Неделните соочувања инаку започнаа со возбуди и многу голови. Денот го отворија Брест и Лил во кој домашните победија со 3:2. Брест поведе со 2:0 со головите на Ронаел Пјер-Габриел во 15 и Ромен Перод во 19 минута. На 3:0 зголеми во 41 минута Ирвин Кардона, но до крајот на првото полувреме, поточно во третата минута од судиското продолжение од пенал намали Бурак Јилмаз. Истиот играч ги врати надежите на гостите со својот втор погодок во 57 минута, но до крајот резултатот не се промени, иако играчите на Лил дури 22 пати шутираа кон голот на противникот.

За Лил ова беше првиот пораз сезонава, и остана второпласиран со 19 бодови, пет помалку од ПСЖ на врвот а бод повеќе од трето и четвртопласираните Рен односно Марсеј. Брест е 13-ти со 12 бодови.

Лен и Ремс го одиграа најефикасниот и највозбудливиот дуел во ова коло, а мечот заврши без победник 4:4.

Домашните поведоа во 21 минута преку Симон Банза, но на почетокот од вториот дел гостите направија пресврт со головите на Матје Кафаро во 47 и Булеје Диа во 54 минута. Томас Фокет со автоголот во 77 минута му донесе израмнување на Ленс, чиј играчи возвратија веќе во 79 минута исто така со автогол а својата мрежа ја погоди Факундо Медина. Ново водство на гостите им донесе Диа со својот втор погодок на мечот во 81 минута. Но двата гола предност се покажаа недоволни за триумф на гостите, затоа што во последната 90 минута Флориан Сотока го постигна својот прв гол а само по една минута му донесе и израмнување на својот тим.

Ленс е сега 11-ти со 14 бодови, а Ремс има девет бодови и е на 16-то место.

Многу голови, вкупно шест, беа постигнати и во Ним каде што домашниот тим со 1:5 беше декласиран од Анже. За гостите стрелци беа Матиас Перера Лаже во првата минута, Стефан Баокен во 23 и 56 минута, Лоа Диони во 82 минута од пенал и Џими Кабот во четвртта минута од судиското продолжение, а почесниот погодок за домашните го постигна Муса Коен во првата минута од продолжението.

Ним остана 18-ти со осум бодови, а Анже напредуваше до деветтото место и има 16 бодови.

Мец и Дижон конечниот резултат 1:1 го постигнаа уште по дваесетина минути игра. Гостите поведоа преку Мама Балде во 13 минута, а за домашните израмни Папе Ндиага Јаде во 21 минута.

Мец е десетти на табелата со 15 бодови, а Дижон е последен со четири бодови и е единствениот клуб во првата француска лига кој во десетте кола нема остварено победа.