Лион во полуфиналето на ЛШ со елиминација на Манчестер Сити

UEFA Champions League quarter final match between Manchester City and Olympique Lyon in Lisbon, Portugal, 15 August 2020. EPA-EFE/Franck Fife / POOL

Фудбалерите на француски Лион по десет години се пласираа во полуфиналето од Лигата на шампионите откако во саботата вечерта во четврфиналето од завршнипот турнир во Лисабон со 3:1 го совладаа Манчестер Сити, а во претходната фаза елиминираа уште еден великан – торински Јувентус.

Манчестер Сити и Лион по третпат се сретнаа во Лигата на шампионите, францускиот тим ја извојува втората победа, а еден дуел заврши без победник. Но ова беше првпат да се сретнат во фазата по елиминации.

Стрелци за тимот на Лион беа Максвел Корне во 24, и Муса Дембеле во 79 и 87 минута, додака за Сити погоди Кевин де Брујне во 69 минута. Корне и Дембеле со днешените голови имаат по четири постигнати погодоци против Манчестер Сити во Лигата на шампионите, и се израмнија со капитенот на Барселона, Лионел Меси, кој исто така четири пати во ова натпреварување ја тресел мрежата на „Граѓаните“. За истакнување е и податокот дека Манчестер Сити прими погодок во Лигата на шампионите со удар надвор од шеснаесетникот првпат по 27-ми ноември 2018 година, а и тогаш мрежата на Сити од дистанца ја погоди Карне.

На водечкиот погодок му претходеа неколку полушанси, а во 24 минута Лион успеа да го казни Сити. Долгата топка упатена кон Екамбија ја изфлри Гарсија, но ја собра играчот од Брегот на слоновата коска, и од 18 метри Карне крај истрчаниот голман Едерсон ја провре во мрежата. Најдобрите шанси Сити ги имаше во завршницата на првото полувреме. Прво во 43 минута шутот на Родри го одбрани голманот Лопез, а потоа во судиското продолжение Рахим Стерлинг од само пет метри откоско шутираше, но навремено во блок му влезе играч од одбраната на Лион.

Притисокот на Сити во второто поливреме резултираше во 69 минута, кога по повратната топка од Стерлинг за израмнување погоди Де Брујне. Во 76 минута Габриел Жезус од близина се обиде со волеј, но многу млако. Тогаш на сцената стапи Дембеле. Во 79 минута, само четири минути откако влезе во игра, по успешна полуконтра изби сам во противничкиот шеснаесетник и со многу среќа успеа сепак да го совлада Едерсон, кој во пад со ногата успеа да ја зафати топката, но не и целосно да ѝ го промени правецот. Сити, според сите законитости на фудбалската игра, мораше повторно да израмни во 86 минута, но Стерлинг од пет метри и непопречуван од никого ја испрати топката високо над пречката. Но за несреќа на тимот на Пеп Гвардиола веднаш во следниот напад на спротивната страна проработи непишаното фудбалско правило и од контранапад повторно за Лион стрелец беше Дембеле.

Инаку Стерлинг со 25 години и 251 ден вечерва го одигра својот 50-ти меч во Лигата на шампионите и е вториот најмлад англиски фудбалер кој ја достигнала оваа бројка. Рекоредер е Вејн Руни со 24 години и 115 дена.

Годинава полуфиналето во Лигата на шампионите ќе го одбележат два германско-француски дуела. Лион во полуфиналето ќе игра со минхенски Баерн на 19-ти август, а другата двојка ја сочинуваат ПСЖ и РБ Лајпциг, кои ќе играат ден претходно. Во ова натпреварување последен пат тим од Германија победил во сезоната 2012/13 кога во финалето Баерн ја совлада Борусија Дормунд, додека француските клубови само еднаш имаат триумфирано во Лигата на шампионите – Марсеј во 1993 година.

Најголемото постигнување на Лион во Лигата на шампионите е полифиналето во сезоната 2009/10 кога беше поразен токму од Баерн со 0:4 во двомечот. Манчестер Сити и по третпат не успеа да ја мине четвртфиналната фаза, а најголемо достигнување на англискиот клуб е полуфиналето во сезоната 2015/16.

Ова е првпат во историјата на најелитното континентално натпреварување две екипи од Франција да играат во полуфиналето. Исто така, ова е првпат од 1990/91 во полуфиналето да нема ниеден тим од Англија, Италија или Шпанија.