Листата со нови членови на ДКСК го помина комисискиот филтер – со просто мнозинство треба да бидат изгласани

Новите антикорупционери поминаа уште еден филтер, пред да бидат гласани на пленарна седница. Утврдена е листата за избор на претседател и членови на ДКСК. На Комисијата за прашања на изборите и именувањата едногласно беа поддржани најдобро рангираните седуммина. За да бидат изгласани членови на Антикорупциска, потребно е просто мнозинство.

Опозицијата не ја критикуваше листата за ДКСК, но побара да се дополни дневниот ред и да се додаде и утврдување на листа на пријавени кандидати за член на ДИК. Со 7 гласа „против“ и два гласа „за“, предлогот беше одбиен. Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ова е кршење на Деловникот.

Претседателката на Комисијата на ова само кратко одговори дека ќе биде закажана седница и за оваа точка.

За претседател на ДКСК е предложена Татјана Димитровска, дипломиран економист од Скопје и вработена во Државниот завод за ревизија. За членови предложени се уште судијката Софија Спасова-Медарска, потоа Билјана Каракашова-Шулев, Бесник Џемаили, ревизорите Зоран Богоевски, Цвета Ристовска и Демири Сервет. Новиот состав на ДКСК треба да почне да функционира на 8 февруари. Мандатот на актуелните членови на Антикорупциска истекува на 7 февруари. Немаат право на повторен избор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.