Литванија, балтичката членка на Европската унија, во еден ден забележа рекорден број мигранти кои илегално ја минале границата од соседната Белорусија.
Во последните 24 часа уапсени се 171 лице кои неовластено се обиделе да ја минат границата, објави во средата во Вилнус литванската погранична служба. Станува збор главно за луѓе од Сирија, Ирак, ДР Конго и други воени зони, од кои повеќето имаат намера да влезат во западните земји на ЕУ.
Со овој податок, бројот на уапсените мигранти оваа година се зголемил на повеќе од 3.000, додека во зелата мината 2020 година имало 81 уапсен илегален мигрант.
Белорускиот претседател Александар Лукешенко на почетокот од јули се закани дека ќе пушти голем број мигранти во Европската унија, како одговор на санкциите од Брисел против Белорусија за наводни спорни избори, насилно сузбивање на демонстрациите и затворање на опозициските активисти.
Литванија, којашто со Белорусија има заедничка граница долага речиси 680 километри, силно е погодена со голеиот број мигранти кои последните седмици ги минуваат нејзините граници. Само во јули, според неофицијалните податоци, во земјата досега илегално влегле 2.000 луѓе.
Поради големиот прилив на мигрантите, Литванија од неодамна ги заостри правилата за барање азил и започна да гради ограда и ѕид по должината на границата со Белорусија.
Меѓутоа, поради недостиг од бодликава жица, градењето на граничната бариера неодмана беше запрено. Соседна Естонија поради тоа на литванските власти ќе им обезбеди 100 километри бодликава жица од своите резерви.
Истовремено, меѓу Литванците расте отпорот и нетрпението кон мигрантите. На почетокот од седмицата, жителите на неколку погранични градови протестираа против градењето сместувалишта за мигрантите. Беа блокирани локалните патишта а имаше и судири со полицијата, поради што министерството за внатрешни работи најави истрага за тие инциденти.