Ливерпул ја продолжи победничката низа, Сити ја губи трката за врвот

Маркус Рашфорд, Манчестер Јунајтед

Водечкиот тим во англиското фудбалско првенство Ливерпул ја продолжи победничката серија остварувајќи ја 15-та победа во 16-то коло, откако во саботата како гостин го надигра Борнмут со 3:0, додека актуелниот шампион Манчестер Сити условно како домаќин во градското дерби со Јунајтед беше по повеќе години поразен со 1:2.

Гостите од „Олд Трафорд“ подобрата игра во првото полувреме ја крунисаа со водството од 2:0. Стрелци беа Маркус Рашфорд во 23 минута од пенал и ова беше четврти погодок во последните четири меча за овој 22-годишник. Водството на „Црвените ѓаволи“ го удвои во 29 минута Антони Марсиал, а Сити успеа да намали дури во 85 минута со погодокот на Николас Отаменди.

Манчестер Сити претходно последен пат беше поразен на свој тереен во првенството на Англија на 6-ти октомври, од Вулверхемптон со 0:2 По седумте години доминација на „синиот“ дел на Манчестер, ова беше вкупно 75-та победа за Јунајтед во дерби дуелите во кои Сити остварил 53 победи.

Манчестер Сити сега со 32 бода заостанува дури 14 бодови зад водечкиот Ливерпул, и три зад вториот Лестер кој има и меч помалку. Манчестер Јунајтед, пак, собра 24 бодови со кои моментално е на петтата позиција.

Ливерпул го реши мечот за дваесетина минути од вториот дел на првото до почетниот квартал на второто полувреме, а стрелци беа Алекс Окслејд-Чембрлен во 35, Наби Кеита во 44 и Мохамед Салах во 54 минута. Потег на мечот беше асистенцијата на Салах за вториот погодок на мечот, кога со петица покрај тројца домашни одбранбени играчи идеално го проигра Кеита.

Со оваа победа Ливерпул дојде до 46 бодови и има 11 повеќе од второпласираниот Лестер Сити, кој во недела гостува кај Астон Вила. Борнмут, пак, е 15-ти со 16 бодови.

Евертон постигна вредна домашна победа од 3:1 над Челзи, со што стаса до својата петта победа сезонава и тоа под водство на привремениот тренер Данкан Фергусон, кој го замени отпуштениот Протугалец Марко Силва. За „синиот“ тим од Ливерпул мечот одлично започна, бидејќи веќе во 5 минута Барзилецот Ришалисон ги доведе домашните во водство. Ефикасното второ полувреме повторно го отворија домашните со погодокот на Доминк Калверт-Левин во 49 минута, но само три минути подоцна за гостите намали Матео Ковачиќ од волеј од 20-ина метри, кому ова му е прв прволигашки погодок откако во Челзи дојде од Реал Мадрид. Но во 84 минута снаодливиот Калверт-Левин ја протурка токпата низа нозете на гостинските одбранбени играчи вклучително и на голманот за конечни 3:1.

Евертон моментално се искачи на 14-та позиција со 17 бодови, привремено побегнувајќи од зоната за испаѓање од лигата, а Челзи останува на четвртото место со 29 бодови, неуспевајќи бодовно да се израмни со третопласираниот Манчестер Сити.

Стрелците на Тотенхем беа расположени и со 5:0 го победија на својот тревник Барнли. Стрелци за „Спарс“ беа Хари Кејн во 4 и 54 минута, Лукас Моура во 9, Сонг Хеунг-мин во 32 и Муса Сисоко во 74 минута.

Тотенхем се проби привремено на шестата позиција на табелата со 23 бодови, и ќе очекува поволен расплет во неделата, а Барнли остана 13-ти со 18 бодови.

Вотфорд без голови ремизираше на домашен терен во дуелот со Кристал Палас. Вотфорд и натаму е последен 20-ти со само 9 бодови, а Кристал Палас дојде до 22 бодови со кои во моментов е на осмото место.

Во недела се играат натпреварите: Астон Вила – Лестер Сити, Њукасл Јунајтед – Саутемтон, Норич Сити – Шефилд Јунајтед, Брајтон енд Хоув Албион – Вулверхемптон Вандерерс, а во понеделникот колото ќе го затворат Вест Хем Јунајтед и Арсенал.