Ливерпул ја продолжи победничката серија во Премиер, Сити во драматична завршница остана без победа

63

Фудбалерите на актуелниот англиски вицешампион Ливерпул како гости го совладаа Саутемптон со 2:1 (1:0) и дојдоа до 11-та победа во низа во Премиер лигата, сметајќи ги и деветте последователни победи со кои ја затворија минатата сезона а што сепак не им беше доволно за освојување на титулата.

Во дербито од второто коло од англиската Премиер лига, шампионот Манчестер Сити и Тотенхем одиграа без победник 2:2 (2:1), иако гостите од Лондон само двапати шутираа во рамките на голот на домашните од три обида, кои пак имаа 30 шута кон противничкиот гол, од кои 10 во рамките на голот.

Сити двапати водеше, но Тотенхем по двете капитуалции на домашниот голман Едерсон успеа да му откине бод. Рахим Стерлинг за 1:0 погоди со глава во 20 минута, на нафрлување на Кевин Де Брујне, само три минути подоцна Ерик Ламела со прецизен удар од 23 метри израмни. На новиот погодок се чекаше до 35 минута, кога Де Брујне уште еднаш асистираше, а неговото остро нафрлување мајсторски во мрежата го спроведе Кун Агуеро. Џокерот на Почетино, Лукас Моура е заслужен за второто израмнување на Тотенхем кога погоди во 56 минута, нецела минута откако влезе во игра. Ламела нафрли од корнер, а Моура ја натскока домашната одбрана и со глава ја испрати топката под пречката. Завршницата донесе драма, откако Габриел Жезус постигна погодок за Сити, но по интрвенцијата на ВАР голот беше поништен бидејќи топката до Бразилецот дојде откако топката се одбила од раката на Лапорт.

Тотенхем така стана првиот тим во оваа календарска година кој непоразен го напуштио „Етихед“ во натпреварите од Премиер лигата.

За новите три бода на Ливерпул головите ги постигнаа Садио Мане со одличен удар од работ на казнениот простор во првата минуте од судиското продолжение на првото полувреме, и Роберто Фирмињо од иста дистанца во 71 минута. Надежите на домашните ги врати Дени Ингс во 83 минута, кога блокираше додавање на гостинскиот голман Адријан и ја испрати топката во небранетата мрежа. Истиот играч можеше да израмни за Саутемптон, но на неколку метри од голот ја промаши топката и пропушти голема шанса.

Со победата во Саутемптон го израмни клупскиот рекорд кој на клупата на Ливерпул го постави Брендан Роџерс според бројот на последователни победи во Премиер лигата, а на 24-ти август ќе има можност и да го надмине, кога „Редси“ ќе бидат домаќини на својот „Енфилд“ во дербито со Арсенал.

Лондонските „Топчии“, пак, во саботата во второто коло на својот „Емирејтс“ го надиграа со 2:1 (1:0) тимот на Барнсли. Александер Лаказат во 13 и Пјер-Емерик Обамејанг во 64 минута погодија за Арсенал, додека во 43 минута гостите израмнија преку Ешли Барнс.

Новакот во Премиер лигата, Норич незаслужено високо со 0:4 беше поразен во првото коло кај Ливерпул, но „Канаринците“ во првиот домашен дуел од враќањето во најсилната конкуренција со 3:1 беа убедливи против Њукасл. Најзаслужен за триумфот над Норич беше финскиот репрезентативец Теему Пуки, кој со погодоците во 31, 64 и 76 минута го постигна својот прв „хет-трик“ во Премиер. Поразот на „Свраките“ ги ублажи Јоњо Шелви во третата минута од судиското продолжение.

Прва победа во новата сезона оствари и Борнмут кој со 2:1 победи на гостувањето кај Астон Вила. Гостите за две минути, во 11 од пенал преку Џошуа Кинг и во 12 преку Хери Вилсон остварија солидна предност, која ја намали во 71 минута Даглас Луиз.

Евертон, исто така, ја оствари првата победа сезонава, и тоа над Вотфорд, а стрелец на победничкиот погодок беше Бернард уште во 10 минута од мечот.

Брајтон и Вест Хем поделија по еден бод. Хавиер Ернандез Чичарито во 61 минута ги доведе гостите во водство, а четири минути подоцна бод за домашните спаси Леонардо Тросард.

Засега со максимален ефект на врвот на табелата се Ливерпул и Арсенал, а може да им се придружи и Манчестер Јунајтед кој во понеделник гостува кај Вулверхемптон. Во недела во Премиер се играат дуелите Шефилд Јунајтед – Кристал Палас и Челзи – Лестер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.