Ливерпул ќе му гостува на Митјиланд во Дортмунд

Натпреварот од последното коло на Лигата на шампионите меѓу Митјиланд и Ливерпул на 9-ти декември нема да се игра во Данска, туку на стадионот на Борусија во Дортмунд, соопшти во петокот германскиот клуб.

Натпреварот требаше да се игра на „MCH“ арената во Хернинг, но е пренесен на неутрален терен поради епидемиолошките прописи кои во моментов се на сила во Велика Британија за задолжителен 14-дневен карантин за оние кои доаѓаат и од Данска. Што значи дека играчите на Ливерпул би требало да одат во двонеделен карантин по гостувањето кај Митјиланд.

„Митјиланд и Ливерпул се договорија средбата да се одржи на нашиот Сигнал Идуана Парк“, соопштија од дортмумдска Борусја.

Промената на местото на одигрувањето на натпреварот засега сѐ уште не го потврди УЕФА.

Ливерпул минатиот месец го победи Митјиланд со 2:0 на својот „Енфилд“, а „Редси“ пласманот во осминафиналето во Лигата на шампионите може да го осигураат доколку следната седмица го победат Ајакс во Амстердам.