Ливерпул го доби дербито со Тотенхем, нов потоп на Јунајтед

Фудбалерите на Ливерпул во второто неделни дерби во рамките на 15-то коло на англиското првенство во Лондон го совладаа Тотенхем со 2:1, а претходно Манчестер Јунајтед впиша нов пораз, на гостувањето кај Астон Вила со 1:3.

Мохамед Салах го доведе Ливерпул во водство во 11 минута, а египетскиот напаѓач својот втор погодок на мечот го постигна во 30 минута, по големата грешка на домашниот играч Ериј Диер. Тотенхем успеа да намали во 70 минута преку Хари Кејн на асистенција на шведскиот репрезентативец од македонско потекло Дејан Кулушевски.

Тотенхем во моментов е четврти на табелата со 26 бодови од 14 натпревари, пред него е Њукасл со бод повеќе. На врвот се Арсенал кој минимално со 1:0 претходно во неделата го победи во лондонското дерби Челзи и има 34 бодови и бранителот на титулата Манчестер Сити со 32 бода, а и двата тима имаат одиграно по 13 натпревари. Ливерпул сега, исто така, со одиграни 13 кола е осми со 19 бодови.

Астон Вила против Манчестер Јунајтед поведе во 7 минута со голот на Леон Бејли, а четири минути подоцна Лукас Диње го удвои водството од слободен удар. Во 45 минута автогол постигна домашниот играч Џејкоб Ремзи, кој се извади за тоа веќе во 49 минута затресувајќи ја мрежата на „Црвените ѓаволи“ за конечните 3:1.

Тренерот Унај Емери така со победа стартуваше на клупата на тимот од Бирмингем, а Астон Вила го победи Манчестер Јунајтед на својот „Вила Парк“ во Премиер лигата првпат по 1995 година.

Астон Вила ја оствари четвртата победа сезонава и со 15 бодови од 14 кола е на 13-то место, додека Манчестер Јунајтед, исто така од 13 кола сега веќе со четири порази е привремено петти со 23 бодови.

Њукасл победи на гостински терен со 4:1 против Саутемтон. Гостите поведоа во 35 минута со голот на Мугуел Алмирон, вториот погодок го постигна новозеландскиот играч Крис Вуд во 58 минута а четири минути подоцна третиот погодок го постигна Џо Вилкок. Домашните успеаја да намалат дури во 89 минута со голот на Ромен Перо, но две минута подоцна конечниот резултат го постави Бруно Гвимараеш.

Њукасл се искачи на третото место на табелата со 27 бодови, а Саутемптон го доживеа осмиот пораз и се наоѓа на 18-то место со 12 бодови.

Кристал Палас исто така оствари гостинска победа, со 2: кај Вест Хем, изборена со пресврт во судиското продолжение на мечот. Домашните поведоа во 20 минута преку Саид Бенрахма, а до крајот на полувремето израмни во 41 минута Вилфрид Заха. Победничкиот погодок го постигна во 94 минута Микаел Олисе.

Кристал Палас со 19 бодови од 13 натпревари се искачи на 10 место, а Вест Хем со 14 бодови од исто толку мечеви остана 15-ти на табелата.

Во дербито од 15-то коло на англиското фудбалско првенство Арсенал на стадионот „Стенфорд Бриџ“ го победи домашниот Челзи со 1:0 и се врати на врвот на табелата.

Решавачкиот погодок го постигна Габриел Maгаљаеш во 64 минута, по нафрлувањето на Бакајо Саке од корнер.

За „Топчиите“ ова беше третата победа во низа во сите натпреварувања, додека Челзи врза два лигашки пораза откако во минатото коло беше поразен со 1:4 на гостувањето кај Брајтон.

Арсенал со победата се врати на врвот на табелата на Премиер лигата со 34 бодови, два повеќе од Манчестер Сити. Тотенхем е трет со 26 бодови пред дербито во кое подоцна во неделата го пречекува Ливерпул, а Челзи е моментално на седмата позиција со 21 бод.