Во дерби натпреварот на 3-то коло од англиското фудбалско првенство Ливерпул на својот „Енфилд Роуд“ беше уверлив против Арсенал, a во вториот ливерпуслко-лондонски неделен дуел на лондонски „Стемфорд Бриџ“ домашниот Челзи го совлада Евертон, додека Тотенхем беше шокиран во последната минута од Барнли.
Ливерпул со сигурната игра го прегази Арсенал совладувајќи го со 4:0, во натпревар во кој лондонските „Топчии“ немаа ниту еден директен удар кон противничкиот гол. Арсенал всушност може да биде среќен што прими само четири голови, бидејќи „Редсите“ имаа уште неколку прекрасни шанси.
Головите за домашните ги постигна напаѓачкиот квартет, Роберто Фирмино во 17, Садио Мане во 40, Мохамед Салах во 7 и Даниел Стариџ во 77 минута. Особено расположен за надигрување беше Салах кои покрај голот забележа и асистенција и сите 90 минути ја тероризираше одбраната на Арсенал.
Во истиот термин Тотенхем и Барнли одиграа 1:1, а гостите стасаа до изедначувањето во последните мигови од мечот, кога прецизен беше Крис Вуд. Претходно голот за Тотенхем го постигна Деле Али во 49 минута.
Двата гола доволни за победа над Евертон за актуелниот англиски шампион Челзи ги постигнаа Сеск Фабрегас во 27 и Алваро Мората во 40 минута.
Претходно Вест Бромвич Албион и Стоук Сити одиграа без победни 1:1. Поведе ВБА со голот на Родригез во 61 минута, а изедначи Питер Крауч во 77 по големата грешка на домашната одбрана.