Ливерпул ја збриша Барселона и оди во финалето на ЛШ

Фудбалерите на Ливерпул остварија неверојатен подвиг и без двајцата стандардни првотимци откако во реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите на својот „Енфилд“ ги анулираа трите гола предност на Барселона и со 4:0 се пласираа во големото финале.

Головите во неочекувано чудесната вечер на Ливерпул ги постигнаа Дивок Ориги во 7 и 79 и Георгинио Вијналдум во 54 и 56 минута, со кои „Редси“ втора година по ред се пласираат во финалето на најсилното клупско континентално натпреварување. Барселона, пак, вторпат со ред е елиминирана во полуфиналето иако во првиот меч оствари предност од три гола разлика. Минатата година дома ја совлада Рома со 4:1, а на „Олимпико“ загуби со 0:3.

Иако беше тешко за верување, Ливерпул и без двајцата најдобри играчи, Мохамед Салах и Ромерт Фирмињо, приреди голема претстава и големо изненадување, и го избори своето деветто финале во Лигата на шампионите, вклучително и поранешниот Куп на шампионите. Ливепрул досега никогаш во европските купови не успеал да надомести три голови заостанување. Двапати во првиот меч од нокаут фазата е поразен со 0:3 и во двата случаи беше „кус“ во реваншот на „Енфилд“ стасувајчи само до победа од 2:0. Првпат тоа беше против ПСЖ во полуфиналето од Купот на освојувачите на куповите во 1997 година, а следната сезона против Стразбур во второто коло од тогашниот Куп на УЕФА.

Ливерпул го отвори мечот како што само можеше да посакува и веќе во 7 минута стаса до водство преку белгискиот напаѓач Ориги. Жорди Алба направи грешка при враќањето на топката со глава, неговиот кикс го искористи Садио Мане кој додаде до Хендерсон, капитенот шутираше Тер Штеген одбрани но Ориги осамен одбиената топка ја смести во мрежата.

Барселона првпат сезонава во Лигата на шампионите беше во резултатско заостанување, но тогаш имаше уште два големи гола предност а со еден погодок ќе го принудеше Ливерпул да брка уште четири погодоци. Каталонците брзо се прибраа од шокот и во следните 20-ина минути имаа три одлични шанси да го решат двобојот, но се чини многу ноншалантно го сфатија целиот двомеч со Ливерпул. Во 14 минута Меси можеше да бие но се реши за уште еден потег на пеналтикот при што му беше избиена топката, а потоа во следниот напад шутираше но Алисон одлично одбрани. Две минути подоцна Алба имаше чиста ситуација но сакаше да додаде до Меси а Ван Дијк го пресече додавањето. Во 20 минута се закани Кутињо, но Алисон добро реагираше на млакиот и недоволно прецизен удар. Во последните моменти од полувремето и Алба имаше чиста шанса, откако одлично беше проигран од Меси се најде сам пред домашниот голман, но Бразилецот Алисон уште еднаш реагираше одлично.

Ливерпул и второто полувреме го отвори со истата тактика како што го започна мечот и веќе во 50 минута Ван Дијк имаше шанса но Марк-Андре Тер Штеген го одбрани неговиот удар. Во следната минута возрвати Барса, кога Меси одлично го проигра Луис Суарез кој имаше одлична позиција, но Алисон го сопре неговиот шут. Следеше „блиц кригот“ на Ливерпул кој со брзите два кола на половина час пред крајот ја анулираше предноста на Барселона. „Редси“ го постигнаа вториот гол во 54 минута кога Трент Александер-Арнолд упати ниска топка во противничкиот казнен простор, а Вијналдум кој влезе во игра во вториот дел, лесно погоди. Само две минути подоцна истиот играч беше оставен сам во гостинскиот петерец на нафрлањето од Џердан Шаќири и со глава го израмни резултатот од првиот меч. Барселона можеше да се врати во игра во 64 минута, но Алисон уште еднаш сопре удар на Меси кој беше од длабочина исфрлен директно пред него од Иван Ракитиќ. Во 79 минута Барселона прими „мангупски“ гол, кога нејзините играчи полека се распоредуваа во својот шеснаесетник Алескандер-Арнолд брзо го изведе корнерот а Ориги од пет метри шутираше за 4:0.

Ливерпул, така, по ланскиот пораз во финалето од Реал Мадрид, ќе има шанса да ја освои европската круна. Последната од петте титули „Редс“ ја освоија во 2005 година. На 1-во јуни на мадридскиот стадион „Ванда Метрополитано“ ќе се соочат со победникот од двомечот меѓу Ајакс и Тотенхем. Младиот холандски тим во реваншот во Амстердам влегува со предност, откако минатата седмица во Лондон победи со 1:0.