Сопругата на Глигоров инсистрирала да се обелодени аферата на нејзиниот сопруг

308

Нашата земја има искуство со политички секс-скандали, особено во последниве години, но тие се доживувале пред сѐ како забавни вести, зашто за скандали се сметаат пред сѐ корупциските. Единствен исклучок беше аферата со поранешниот претседател Киро Глигоров и неговата советничка за култура, пишува „Нова Македонија“.

Франција деновиве е мошне збунета земја, според медиумските извештаи. Нејзиниот претседател Франсоа Оланд се покажа како голем љубовџија, ја изневерувал партнерката Валери Тривелие со актерката Жули Гајет. За аферата да биде уште поголема, првата дама на Франција заврши во болница поради шокот од објавената вест, а нејзиниот сопруг ја посети дури по неколку дена. Последните вести говорат дека најверојатно ќе ја прекине врската со Тривелие и ќе ја одбере актерката за понатамошна партнерка.

Мошне бурен приватен живот за еден толку експониран и влијателен политичар, кој досега отслужи само година и пол од својот претседателски мандат. Но иако со јавните настапи не потсетува на својот претходник Никола Саркози или на најпознатиот европски љубовџија-политичар Силвио Берлускони, ова не е ништо ново за Оланд. Познато е дека во 2007 година ја напушти својата сопруга Сеголен Ројал, инаку противкандидатка на Саркози на изборите таа година, со која имаше четири деца, токму поради Тривелие. Но во француската јавност има голема дебата околу тоа зошто за оваа негова афера се крена толку голема фама, зошто таа го окупираше вниманието на јавноста во земја во која важи правилото дека приватниот живот е приватен и, за разлика од многуте примери во Соединетите Американски Држави, тој обично не влијае врз политичките кариери.

ДРАМА ЗА ГЛИГОРОВ И ЗА ДРЖАВАТА

Но како би се доживеал случајот „Оланд“ во Македонија? Земјата има искуство со политички секс-скандали, особено во последниве години, но тие се доживувале пред сѐ како забавни вести. Такви беа, на пример, информациите дека вицепремиерот Фатмир Бесими е во врска со својата шефица на кабинетот. Слично помина и аферата што ја објави дневниот весник „Фокус“, со фотографијата од еден битолски пратеник во Собранието како разменува љубовни пораки среде седница, со наслов „Дали те возбудвам“. Голем сеир се гледаше и во фијаското со поранешниот амбасадор во Австралија, Перо Стојановски, и неговата љубовница Лидија Думбаловска. Главно, сето тоа привлекуваше големо внимание, но не како тежок политички скандал.

Но ништо не ја размрдало македонската јавност како аферата со првиот претседател Киро Глигоров и неговата советничка за култура Катерина Коцевска, објавена во неделникот „Денес“ во мај 1998 година. Милан Банов, тогашниот уредник на „Денес“, вели дека со тоа се разби митскиот статус за политичарите, се покажа дека може и смее да се објавуваат детали од нивниот живот. Но сето тоа не поминало толку лесно. Банов се присетува дека тој и неговите новинари биле под страшен притисок, особено од другите медиуми, кои барале да се затвори весникот, дури и да се судат авторите, затоа што го нарушиле угледот на претседателот.

„Тоа се случи по атентатот и тој тогаш уживаше огромен углед во јавноста. Но тоа не нѐ спречи да ја објавиме аферата. Во исто време се одвиваше и скандалот со Бил Клинтон и Моника Левински, но таму никој не ги нападна новинарите што го објавија тоа, а против нас се кренаа сите. Но ние издржавме, особено што извор ни беше Нада Глигорова и тоа се објави на нејзино инсистирање“, се присетува Банов.

Иако неделникот се распродаде во 100.000 примероци за многу кратко време, Банов е категоричен дека тиражот не бил никаков мотив.

„Нас нѐ интересираше пред сѐ тоа дека тој го прекршил Уставот со тоа што назначил советничка за култура, затоа што со седумте члена во Уставот што му се посветени на претседателот нема ингеренции во таа област. И на други медиуми им било понудено да објават, но одбиле, а ние прифативме. Знаевме со што се соочуваме и колку голема ќе биде аферата. Но иако ѝ посветивме 36 страници, две третини од весникот, никаде не го споменавме зборот „секс“. На крајот, сепак тоа беше главната дебата во јавноста, дали можел или не можел да има секс, поради возраста“, додава Банов.

Аферата не го урна угледот на Глигоров, тој доби поддршка од голем дел од јавноста, освен од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, која и онака не го сакаше и од претходно. Банов морал да го исклучи својот телефон зашто се соочувал со постојани закани, дури бил исплукан на улица, а низ слични проблеми поминувале и членовите на редакцијата.

„Ништо ниту дотогаш ниту оттогаш не одекнало толку силно во јавноста. Успеавме да ги разбиеме табуата, митскиот статус за недопирливоста на врвните функционери и на нивниот приватен живот, кој не може да биде приватен штом стапиле на таква јавна функција. Со тоа се отвори простор за демократизација на медиумите, но, за жал, тие не продолжија по тој пат“, продолжува Банов.

Но како денес би поминала една таква афера? Банов стои на ставот дека е важно високите функционери да бидат примерни и во приватниот живот. Но не верува дека тоа би можело да им наштети на нивните политички кариери или, пак, да предизвика такво внимание како во случајот со Глигоров.

„Тоа е така поради многу околности, пред сѐ политички. Луѓето се навикнати на неодговорно однесување на политичарите, на нивна вмешаност во финансиски корупциски скандали, со брзо богатење и злоупотреби, па затоа деталите од нивниот приватен живот тешко можат да станат мегаскандал“, истакнува поранешниот уредник на „Денес“.

МЕЃУ ЕВРОПА И САД

Американскиот и европскиот пристап кон политичките секс-скандали се дијаметрално спротивни. Во САД човек не ни мора да има секс за да биде вмешан во такво нешто, како што покажа примерот со Ентони Винер, кандидат за градоначалник на Њујорк, кој беше двапати фатен како разменувал СМС со сексуална содржина со неколку девојки, па ја загуби довербата на гласачите. Директорот на ЦИА, Дејвид Петреус, беше експресно сменет од функцијата откако се откри дека имал афера со новинарката Пола Бродвел, без воопшто да се поставува прашањето дали тоа му влијаело врз работата или ја загрозило агенцијата. Едноставно, штом бил неверен во бракот, не заслужува толку висока јавна функција. Низ слични случаи поминувале и Херман Кејн, Њут Гингрич и стотици други политичари. Ретко кој успеал да опстане во политиката по такво нешто.

„Избираме луѓе, не ангели. Сите грешиме, не сме светци. Но ние, Американците, ја имаме таа преокупација со личниот живот затоа што навистина сакаме да избираме луѓе со добар карактер“, ги објаснуваше овие случаи американскиот аналитичар Џејсон Мико.

Во Европа, пак, никому не му беше грижа што Саркози се разведуваше и се женеше со Карла Бруни, ниту за сѐ што правеше Берлускони, сѐ додека не се појавија информации дека го прекршил законот и имал секс со малолетничката Руби. Според европското гледиште, познато е дека под секс-скандал се подразбира нелегална активност. На пример, жестока беше реакцијата за францускиот министер за култура поради информациите дека плаќал за секс со момчиња во Тајланд, а Доминик Строс-Кан, пак, беше обвинет за силување собарка во хотел во Њујорк, за која тој тврдеше дека се согласила на секс.

И професорката Билјана Ванковска објаснуваше дека скандалите може да ги чинат кариера оние што ќе бидат опфатени со нив во САД, а Европа отсекогаш била полиберална, дури и британскиот двор, за што пример беше леди Дијана со нејзината врска со Доди ал Фајед, со кого и загина во мистериозната сообраќајка во тунелот во Париз. Во Македонија, според неа, тој либерален ветар се чувствува сѐ повеќе и ваквите гласови (за разводи, љубовни афери и сл.) се вообичаени, но се повеќе дел на жолтиот печат отколку што влијаат на политичката кариера. Но, од друга страна, има и нов тренд, во кој премиерот Никола Груевски многу држи до испраќање слика на совршено семејство, додека за бившиот лидер на опозицијата, па и за некои други опозиционери, е битно да покажат дека и на барикадите биле заедно со своите деца.

И покрај таквиот тренд, факт е оти нашиот актуелен премиер е во втор брак со сопругата Боркица, од мај 2007 година, речиси една година откако стана премиер и откако претходно се разведе од првата сопруга Сузана Арбутина. И експремиерот Владо Бучковски исто така е во втор брак по премиерската функција.

Иако за повеќемина претходни премиери и претседатели на државата, Никола Кљусев, Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Борис Трајковски, во политичките кулоари се ширеа разни шпекулации за љубовни афери во кои наводно биле вмешани девојки и жени од нивното непосредно професионално опкружување, за ниедна од нив медиумите не понудија докази ниту, пак, пишуваа текстови како оние за аферата на Глигоров или на Оланд.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.