Љупчо Константинов добитник на „Голема ѕвезда на македонскиот филм“

78

Композиторот Љупчо Константинов е годинашен добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ). Наградата на Константинов свечено ќе му биде врачена на 40. јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Ова на денешната прес-конференција го соопшти претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија Игор Иванов – Изи.

– Станува збор за една исклучителна појава во македонската кинематографија, човек кој со посебна боја ги обои филмовите како „Среќна нова ’49“ и „Тетовирање“, филмови што македонската публика исклучително многу ги сакаше сите овие години. Тој има соработувано со Паоло Маѓели,Томаж Пандур, Мустафа Надаревиќ, Пенелопе Круз, Роберто Чули, Озрен Прохиќ, Бранко Гапо, Димитрие Османли, Столе Попов, Антонио Митриќевски. Тој потпишува повеќе од 35 наслови на филмска музика, рече Иванов.

Оваа награда востановена во 2013 година е замислена како признание за посебна контрибуција за македонскиот филм. Досегашни добитници на наградата се Кирил Ценевски, големата легенда на македонскиот филм, Милчо Манчевски, Дарко Марковиќ, Сајмон Пери… Минатата година наградата и беше доделена на Милица Стојанова.

Новинарите и прусутните гости имаа можност првпат да го видат и видео спотот изработен по повод  јубилејот на фестивалот, чија авторка е режисерката Дина Дума. Кинематографер е Наум Доксевски, со актерката Наташа Петровиќ и на кој работеше бројна екипа.  Годинашното мото на „Браќа Манаки“ е „Кажи им на облаците“ (Tell the clouds).

Градоначалничката на Битола Наташа Петровска истакна дека фестивалот „Браќа Манаки“ е значаен не само заради тоа што го збогатува културниот живот на Битола, туку и дава додадена вредност на препознатливост во меѓународни рамки.

– Оваа година Општина Битола го поддржа фестивалот во делот на организација со 400 илјади денари, но и во делот на сместувачки капацитети за нашите гости во висина од околу 2 и пол милиони денари, што значи дека околу 3 милиони денари е финансиската поддршка на Општина Битола за годинашното издание на фестивалот „Браќа Манаки“, рече Петровска.

Општина Битола, како што рече, успеа да обезбеди средства од 8 милиони и 600 илјади денари од Министерството за култура за ентериерно уредување на киното „Манаки“ што било почнато во 2013 година. Заедно со проектот кино „Култура“ успеавме да го организираме во прекуграничната соработка со Грција за да имаме практично затворање на една функционална целина.

Специјални гости на годинашното фестивалското издание во Битола ќе пристигнат и светски познатиот режисер Фатих Акин и кинематограферот Рајнер Клаусман. Акин е добитник на награди како „Златна мечка“ во Берлин (2004) и „Златен глобус“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје (2017). Неговите филмови се исклучително познати и омилени кај македонската публика.

Уметничкиот директор и селектор на главната програма Благоја Куновски – Доре откри само четири наслови од годинашната конкуренција на филмови чии кинематографери ќе се натпреваруваат за престижните награди. Тоа се кинескиот филм „Езерото на дивите гуски“, бразилскиот „Невидливиот живот на Еуридисе Гузмао“, израелскиот филм „Синоними“ и германскиот филм „Лара“ на режисерот Јан-Оле Герстер.

Селекторот на програмата Европски филмски перспективи, Слаѓан Пенев рече дека во програмата се вклучени 17 филмови.

Ана Василевска, селекторка на изборот на македонските филмови соопшти дека од годинава на фестивалот „Браќа Манаки“ се воведува награда од публиката за најдобриот македонски филм. Информира дека програмата „Макпоинт“ ќе понуди 14 најнови краткометражни, документарни и анимирани филмови, за кои годинава фестивалската публика првпат ќе биде искрен оценувач на творечката работа, актерската игра, камерата, музиката, односно ќе може да се изјасни за својот комплетен филмски фаворит. Последниот филм на неодамна починатиот Стефан Сидовски – Сидо, „Последното кафе“ премиерно ќе биде прикажан во рамки на оваа фестивалска програма.

Четириесеттото издание на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 14 до 21 септември во Битола.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.