Лога со писмо до меѓународната заедница Бугарија да ги спроведе пресудите на Стразбур

Министерот за правда Кренар Лога испрати дописи до Амбасадата на САД во Македонија, Делегацијата на ЕУ, Мисијата на ОБСЕ и Програмската канцеларија на Советот на Европа со кои ги информира за неспроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на Република Бугарија.

Во дописот, што е испратен заедно со 14-те пресуди, информираа од Министерството за правда, посочено е дека се бара поддршка од меѓународната заедница во делот на унапредувањето и заштитата на човековите права.

„Исполнувањето на оваа цел подразбира постоење на континуирана заложба и за доследно почитување на меѓународните обврски кои Република Северна Македонија ги има преземено како земја која моментално е во процесот на евроинтеграции. Почитувањето на меѓународни документи е исклучително важен сегмент за кој особено земјите членки на ЕУ, но и земјите кои претендираат да добијат членство во ЕУ е неопходно да се залагаат“, се наведува во соопштението од Министерството за правда.

Меѓународната заедница, се посочува, претставува исклучително важен партнер на Република Северна Македонија, кој е вклучен во сите реформски процеси и партнер кој несомнено цврсто и доследно се залага за почитување на владеењето на правото.

„Оттука, Министерството за правда смета дека е од особена важност да се актуелизира прашањето за неспроведувањето на пресуди на ЕСЧП, истакнувајќи ја потребата од поддршка од меѓународната заедница за доследно спроведување на пресудите на судот“, се вели во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.