Локализиран пожарот во зградата на СЕП, не работел ниту еден хидрант

Пожарот кој утринава избувна во просториите на поранешна Комерцијална банка е локализиран. Нема повредени, а според првичните проценки оштетени се шест простории на првиот кат каде е сместен Инспекторатот за животна средина. Во зградата се сместени и Секретаријатот за европски прашања и Медиумската информативна агенција.

Интервенирале 24 пожарникари со девет противпожарни возила.

Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски изјави дека пожарот е локализиран во 08:50 часот, додавајќи дека во објектот не функционирал ниту еден од хидрантите за гаснење на пожар.

Причина за пожарот, според првичните проценки на Симоновски, е електрична инсталација.