Локални се ближат!

Бидејќи сме на големо во трката за локалните избори, буквално оваа колумна денеска сакам да ја посветам за туризмот на локално ниво, неговата децентрализација, неговото значење за економскиот развој на една општина или локација.

Според светски рамки и книги, туризмот се планира „from bottom to up“, или по нашински кажано одоздола, па нагоре. Или во превод тоа би било планирање на туризмот на локално ниво, од таму каде што почнува, се гради и завршува дестинацијата, па нагоре накај регионот, се до националната дестинација или во нашиот случај дестинација Македонија, брендирана за туристичка валоризација. Но, за жал кај нас не е така воопшто, кај нас е обратен процес, дури и на локално ниво многу изостанува свеста за значењето на туризмот кај локалните градоначалници, локалните планери и локалните „шерифи“. Скоро во сите локални стратегии и планови, секоја општина има некоја реченица или некој проект дека туризмот е значаен за локалниот економски развој, но во пракса многу малку само во одредени дестинации може да се види организиран дестинациски менаџмент.

Но, по ред да опишеме прво како се опфатени законските процедури, односно како е децентрализиран процесот на туризмот во дестинација Македонија.

Нашите закони даваат одлична можност за децентрализација на туризмот и угостителството. Законот за туристичка дејност му дозволува низа активности на градоначаникот и неговата екипа да го развиваат туризмот на локално ниво. Почнувајќи од создавање на имиџ на локално ниво, промоција на локалната туристичка дестинација со финансиски средства добиени од поделбата на туристичката такса (која патем е најмала во целиот свет – само 40 денари или 0.75 евро центи,а секаде е од 1 до 2 евра, и која ја плаќаат самите туристи при престојот во одредена дестинација и затоа предлагам нејзина итно зголемување), која се дели 80% на самата општина, а 20% оди на државно ниво, што за одредена општина претставува можност за одлична финансиска добивка.

Потоа децентрализацијата им дава можност за отварање на локална канцеларија, кои се уште во законот стојат како туристичко биро (под итно менување на законот), а сега најново е секаде ДМО или Дестинациска менаџмент организација. Оваа ДМО има за цел да го обединува туризмот и се’ што доаѓа со него на локално ниво. Почнувајќи од издавателите на услугите за сместување на физичките лица, па и на правните лице, давање на промотивни и информациски услуги, продажба на сувенири и туристички подароци, организација на локални настани, дури до обединување на локалните инспектори и промотивните настани.

Во врска со локалните инспекции, само кај нас нема обединета туристичка инспекција или полиција, по примерот на нашите соседи и насекаде во светот. Во нашето законодавство сеуште постои локална туристичка инспекција која или ја нема воопшто или ги има само еден или двајца на ниво на градот Скопје и Охрид и никаде на друго место. А, замислете законот го донесовме уште во 2004 година. Во 2012 година поднесов Закон за основање на туристичка инспекција, која би ја обединила во моментов делот на Државната пазарна инспекција која го контролира делот на туризмот и угостителството и локалната испекција, која нели ја нема од 2004 година, ама овој закон буквално го одбија самите градоначалници со смешно образложение, ќе им се одземеле ингиренциите. Кои ингиренции и кои инспектори почитувани градоначалници, па нив ги немате до ден денеска цели 17 години!!!

Законот за угостителска дејност, донесен исто така во 2004 година и досега најмалку е 10 пати менуван и дополнуван (под итно негова консолидација), дава низа можности на локалната самоуправа почнувајќи од најважниот момент вршење на категоризација на давателите на услуги за физичките лица за 10 соби и апартмани или до 20 легла по објект. Обединување на истите во еден регистар каде ќе имаат увид самите тие во делот на издавањето на услугите но и самите туристи кои ќе сакаат да преноќат во нивната дестинација. Епилогот на овој регистар и категоризација е исто така минорен, да не речам мизерен само неколку општини имаат половична извршена категоризација или водат таков регистар. И овде пак се надоврзувам на потребата од една единствена туистичка инспекција. За следниот период, здравје боже во подобри времиња, ќе ми биде предизвик да го донесам законот и да ја формирам туристичката инспекција (мојата следна колумна ке биде баш на тема инспекција).

Децентрализиран е и начинот на давање на угостителски услуги за исхрана за даватели на физички лица и домаќинства и тоа до 50 луѓе вкупно, како и давање на услуги за ноќните барови, кабариња и диско-клубови каде 50% од вредноста на лиценцата за работа оди во приход на самата општина каде се наоѓаат објектите. Ете уште една можност за популаризација и давање на услови за оваа намена. Да не ги спомнувам тука можностите со давање на продажба или концесија на државно и приватно земјиште за формирање на автокампови, туристички развојни зони или инвестиции во хотели и мали мотели и преноќишта, каде приходите од комуналните такси одат директно во општинската каса.

Ова се само одредени, можеби најважните елементи на децентрализација на двата закони и можностите за брз и ефикасен туристички развој на локално ниво. Во нив постојат уште многу начини на организација и грижа, како на пример давање на услуги во селски, етно и еколошки туризам, водење евиденција за туристичките водичи и придружници, давање на улуги на нудистички плажи и разни други пловни објекти, давање на услуги за конфекционирани угостителски услуги можат да се даваат во подвижни објекти за одредена локлана намена итн.

И на крај најважното самиот чин на желбата за развојот и организацијата на туризмот на локално ниво, или народски кажано сакаш или не сакаш да имаш туризам во твојата дестинација. Законите се тука, менлива категорија, ама свеста за значењето на туризмот кај градоначалникот, локалната администрација или ја има, или ја нема. Ако не знаете повикајте помош ќе се најде или прочитајте има достапни информации денеска барем тоа е лесно, во 21 век сме, ера на дигитализација и информација.

А, вас драги читатели и пријатели, пошто сме во екот на предизбори, препорака, добро ставете прст на чело, добро прочитајте ги програмите, видете што ви нудат во нив за вашиот локален економски развој, инфраструктура, животна средина, посебно туризмот ако е вашата основна дејност, но и да не е, ќе имате можност од него да заработите дополнителни средства. Немојте да потпаднете на лаги и флоскули кои ви ги пласираат веќе со години, на неостварливи проекти кои никогаш нема да ги видите. На крај вие сте самите господари на својот глас и на Вашата власт. Што ќе изберете тоа ќе добиете.

До следната колумна се читаме после изборите. Или ќе славиме или ќе плачеме.

Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес