Локвенец пак најавува градба на пругата кон Бугарија

Повторни активности на терен за изградба на пругата кон Бугарија на почетокот на втората половина на годината, по заокружување на тековната претквалификациска фаза и претстојниот тендер за избор на изведувач на првите две делници, очекува директорот на ЈП Македонски железници Инфраструктура Хари Локвенец.

Претквалификациската фаза за овој проект, што беше отворена на 5 јануари, завршува на 15-ти месецов во 10 часот, кога ќе се знае колку компании вкупно пројавиле интерес за учество на тендерот што треба да се распише и со кој ќе се избере компанијата што ќе ги гради делниците Куманово-Бељаковце и Бељаковце-Крива Паланка.

– Не мал е бројот на компании коишто во  овој момент се интересираат за учество на проектот за изградба на првите две фази од пругата кон Бугарија. Тоа за нас е исклучително важно водејќи сметка дека главната интенција ни е од што е можно поголем број компании да ја избереме најдобрата и конечно овој проект почнат уште во минатиот век да го доведеме до крај и да стане реалност за македонските граѓани, вели во интервју за МИА Локвенец.

Нашата цел, посочува, е до крај на февруари да имаме евалуирано и избрано кратка листа на квалифицирани компании кои би учествувале на главниот тендер со свои  понуди. Станува збор за еден тендер во два лота. Се надевам до крајот на февруари  да ја добиеме кратката листа и да го објавиме тендерот водејќи сметка дека станува збор за меѓународен тендер. Периодот на подготовка на документација за финална понуда  е 90 дена, што би значело дека до крајот на мај  би требало да заврши  процесот, рокот за поднесување на понудите, и после тоа останува очекувам период од две-три недели во кој би се извршила финалната евалуација и би ја добиле фирмата изведувач, појаснува Локвенец.

Тој вели дека компанијата и сите ангажирани прават се конечно проектот да стане реалност, како и дека се во можност да ги утврдат и отстранат сите препреки за негова реализација.

-За сегашниот  тендер што го отвораме за пругата кон Бугарија и за почетокот на градба за кои искрено се надевам дека ќе почне на почетокот на втората половина на годината, претпоставувам во текот на јули, тоа искрено е мојата надеж, целата компанија и сите ангажирани околу реализацијата даваат се од себе ова да стане реалност. Сметам дека буквално сите препреки кои ги има во моментов и онака предвидливо би се појавиле следниот  период сме во можност да ги детектираме и уште сега превентивно да ги отстраниме, вели Локвенец.

Како што укажува, според проценките на проектантите предвидено е првата и втората фаза заедно да се реализираат во рок од 36 месеци.  Се надева дека првата фаза каде се реализирани 54 проценти од градежните работи, но беа прекинати откако изведувачот побара прекинување на Договорот, би требало да се заврши за близу половина од овој предвиден период.

Финансиската конструкција за двете фази е обезбедена преку Европската банка за обнова и развој и средствата, истакнува, во моментов се реализираат. За третата делница преку ИПА 2 програмата се обебзедени 60 милиони евра инвестициски грант кои, потенцира Локвенец, треба да почнеме да ги трошиме час поскоро.

Според Локвенец, обврските што ги имаат и како компанија и како држава во однос на обезбедување на целосната документација и сите предуслови  околу третата фаза ќе ги завршат во целост во текот на следните неколку месеци.

-Директно на дневна основа ги работиме прашањата поврзани со реализација на третата фаза. Во фаза сме на изработка на одобрување на инфраструктурниот проект, во исто време паралелно со таа постапка оди и одобрувањето на основниот проект, паралелно се изработува тендерската документација, како за надзорен инженер, така и за градба. Во исто  време се обидуваме да обезбедиме дополнителни грантовски средства кои искрено се надевам дека ќе бидат во поголем износ од оние кои сме ги обезбедиле претходно за другите фази во текот на февруари, вели Локвенец.

За железничкото поврзување со Бугарија е креирана работна група на техничко ниво, но, како што појаснува, таа поради ковид пандемијата се уште не почнала интензивно со работа.