Локвенец ветува пругата кон Бугарија да биде готова за пет години

Хари Локвенец десет дена откако беше назначен за директор за Македонски железници – Инфраструктура вели дека претпријатието не трпи притисоци наметнати од бугарска страна за побрза изградба и поврзување и прогнозира дека тоа ќе биде остварливо до 2025.

Особено потребна е интензивна работа на фазите Крива Паланка – Бељаковце и Бељаковце – бугарска граница, а поранешниот пратеник од редовите на СДСМ вели дека нема зададени рокови од бугарска страна.

– Нема притисок, а за самите нас врвен приоритет е да се обезбеди поквалитетен транспорт и на луѓе и на материјални добра. Притисок нема, но има соработка. Со бугарската страна заеднички работиме на тунел за поврзување со формирана билатернална работна група на техничко ниво. Состаноците се сведени на минимум само поради Ковид-19, рече Локвенец во вестите на Сител.