Лондон ја повика ЕУ да попушти до недела

Велика Британија ја повика во четвртокот Европската унија да се согласи на големи отстапки за да се отстрани застојот во преговорите за идните трговски односи меѓу двете страни до крајот на овој викенд.

Британскиот премиер Борис Џонсон и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен се согласија на работната вечера, на којашто можеби и како провокација затоа што една од темите е и рибарњето – била послужена британска риба, во средата во Брисел дека до крајот на викендот би требало да биде постигнат договорот за трговијата.

„Се договоривме дека преговарачките тимови треба веднаш одново да се сретнат за да се обидат да ги решат клучните прашања. Ќе ја донесеме одлуката до крајот на викендот“, изјави фон дер Лејен по вечерата која ја опиша како „жива“ и додаде дека ставовите на двете страни и натаму се „многу оддалечени“.

„Очигледно и натаму постои одреден простор за продолжување на разговорите, но и натаму постојат значителни разлики. Во недела ќе се процени ситуацијата и ќе биде донесена одлуката за иднината на преговорите. Никогаш не можете да кажете никогаш во овие преговори, но мислам дека некако треба да бидат заклучени“, изјави во четвртокот за јавниот сервис BBC, британскиот министер за надворешни работи Доминик Рааб.

Обединетото Кралство формално ја напушти Европската унија по повеќе од четири децении на 31-ви јануари годинава, четири години по рефендимот за истапување од членството во ЕУ, а до крајот на годината на сила е преодниот период во кој и натами земјата е дел од едиствениот пазар и царинската унија, што значи дека мора да ги почитува прописите на ЕУ. Доколку до 31-ви јануари не биде постигнат договор кој ќе ја регулира трговијата меѓу двете страни во износ од речиси билион евра годишно, таа од 1-ви јануари 2021 година ќе се одвива според прописите на Светската трговска организација (СТО – WTO).

Британскиот премиер Џонсон тврди дека брегзитот е можност британската економија да стене целосно независна а не ограничувана од прописите на Унијата. Брисел, пак, стравува дека Лондон сака да го задржи повластениот пристап до пазарот на ЕУ, но и сам да ги одредува своите правила.

Шефот на британската дипломатија Рааб рече дека главните спорни прашања: рибарењето и чесната конкуренција на пазарот се со тесен обем, но и дека за Лондон тоа е принципиелно прашање. Додаде дека е потребно „значително придвижување“ во поглед на двете прашања за да може преговорите да продолжат.

Рааб тврди дека ЕУ порешително ги брани своите ставови кога станува збор за чесното натпреварување на пазарот. Од Брисел истакнуваат, пак, дека сакаат од Лондон да ги почитува стандардите на Унијата во сферата на трудот, социјалната политика и заштитата на природната средина, како и правилата за државни субвенции.

Џонсон претходно во средата во британскиот парламент рече дека Брисел сака Лондон да ги почитува идните закони на ЕУ или ќе биде автоматски казнуван, како и дека инсистира британската страна да се откаже од суверената контрола над рибарењето во нејзините води, истакнувајќи дека на тоа не би се согласил ниеден британски премиер. Додаде дека „добар договор“, сепак, е можен доколку ЕУ се откаже од овие барања, и порача дека Британија ќе просперира и без трговски договор со ЕУ.

Меѓутоа, германската канцеларка Ангела Меркел, исто така, во средата во Бундестагот рече дека ЕУ нема да ризикува со интегритетот на својот единствен пазар. И таа оцени дека договор, сепак, е можен.

Преговорите треба да продолжат во четвртокот, кога ирската еврокомесарка за финансиски услуги Мејред Мекгинис оцени дека не може да се каже дали преговорите ќе бидат успешни.

„Се надевам дека во текот на викендот ќе добиеме божикен подарок. И дека ќе го ја договориме трговската спогодба, бидејќи мислам дека тоа би било најдоброто можно решение за сите страни“, изјави Мекгинис за ирското јавно радио RTE.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.