Лондон и Берлин се со Киев, порача Чарлс Трети

Британскиот крал Чарлс Трети изјави во средата вечерта на свечената вечера во Берлин дека Обединетото Кралство и Германија „стојат крај“ Украина во „одбраната на нејзината слобода од агресијата“, како и дека ќе стори сѐ што може на јакнењето на англо-грманското пријателство.

„Заедно стоиме во заштитата и унапредувањето на демократските вредности коишто ги споделуваме. Заедно сме со Украина во одбраната на нејзините слобода и суверенитет пред со ништо предизвиканата агресија“, тврдеше Чарлс Трети во говорот на свечената вечер во Берлин на првиот ден од неговата посета на Германија, која дојде по откажувањето на посетата на Париз поради масовните протести против реформите на францускиот претседател Емануел Макрон.

Чарлс Трети тврдеше притоа дека е подготвен да „стори сѐ што може“ во текот на своето владеење за да ги зајакне врските меѓу Обединетото Кралство и Германија којашто така стана првата негова дестинација во странство откако стана британски суверен.

„Односите меѓу Германија и Обединетото Кралство за мене се многу важни… И можам само да ви потврдам дека во текот на целото владеење ќе дадам сѐ од себеси да ги зајакнам врските меѓу нас“, рече британскиот монарх на вечерата приредена во негова чест во резиденцијата на германските претседатели во Берлин.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штјанмаер, домаќин на вечерата во неговата резиденција во дворецот Белву, исто така, ја изрази „силата на англо-германското пријателство“ во својот говор.

Чарлс Трет рече и дека тој и неговата сопруга се „длабоко трогнати“ од топлиот пречек во Германија. На Германците им се заблагодари за „трогателните пораки на поддршка и сочувство“ по смртта на неговата мајка кралицата Елизабета Втора ланскиот септември.

Британскиот крал ѝ се заблагодари на Германија и на тоа што примила повеќе од милион бегалци од Украина „што толку силно ја покажува великодушноста на духот на германскиот народ“.

Британскиот суверен, кој ја посетил Германија четириесеттина пати пред да стане крал, говорот го одржал делумно на германски а делумно на англиски јазик, истакнуваат медиумите.

Пред посетата на Чарлс Трети историчарите во двете земји ја истакнуваа повеќекратната поврзаност на британското кралско семејство и Германија, од каде што и династијата Виндзор и го влече своето потекло.

Прадедото на Чарлс Трети, принцот Алберт фон Саксен-Кобург-Готски, сопругот на британската кралица Викторија, според британскиот историчар Нил Мекгрегор е голем пример за актуелниот британски крал.

„И предците на Чарлс беа ориентирани кон Германија како симбол на модерното“, изјави Мекгрегор.

Меѓутоа, во таквите изјави за англо-германската блискост се избегнува епизодата со абдикацијата по само една година на престолот на Едвард Седми од 1936 година. Според најновите историски истражувања, причина за тоа не е наводниот брак со претходно мажената Американка Волис Симпсон, туку симпатизирањето на штотуку пројавениот германски националсоцијалистички фирер Адолф Хитлер во чија близина бил и германски аристократ роднина на англиската династија Виндзор.

Династијата Виндзор до 1917 година се нарекувала Саксен-Гобург-Горски, со јасно германско потекло, но поради антигерманското расположени поради Првата светска војна, тогашниот крал Џорџ Петти го променил името на династијата.

Германските медиуми посветуваат големо внимание на посетата на британска кралска двојка, којашто според најавите ќе биде следена на секој чекор од нивниот претстој во Германија.