Лондон и Брисел поблиску до договор за границата со Ирска по Брегзит

Обединетото Кралство се приближи до договорот со Европската унија за границата на Ирска со Северна Ирска, откако британските функционери оваа седмица ги изнеле предлозите за избегнување на ткн „тврда граница“, пишува весникот The Times.

Европската унија ја одреди границата меѓу Ирска и Северна Ирска како едно од трите прашања за коишто мора да се постигне „доволен напредок“ за да може да започнат преговорите за идните трговски односи со Велика Британија, коишто се клучни за британската економија по нејзиното излегување во пролетта 2019 година од Унијата.

Челниците на ЕУ се подготвуваат да понудат двогодишен преоден договор за Брегзитот веќе на почетокот од јануари, откако преговарачите се прилбижиле до постигнување договор за споменатата граница, пишува во четвртокот лондонскиот весник повикувјаќи се на извори во Брисел.

Унијата на самитот следниот месец ќе вети забрзување на одобрувањето на преодниот договор со којшто ќе се задржи сегашниот однос на Велика Британија со ЕУ, се додава во написот.

Британските медиуми во вторникот објавија дека Обединетото Кралство и ЕУ постигнале договор за цената на разидувањето, односно за висината на обврските кон Брисел кои Лондон мора да ги измири, коишто на крајот ќе изнесуваат околу 50 милијарди евра, што исто така беше голем чекор во преговорите за излегувањето на Британија од блокот.

Главниот преговарач на ЕУ за Брегзитот, Мишел Барние, меѓутоа, во средата во германската престолнина Берлин ги негираше медиумските написи дека е постигнат договор со Лондон за сумата којашто ќе ја плати за излегувањето од Унијата.

„Деновиве во медиумите може да се прочита многу за тоа прашање…, но уште мораме да работиме, преговорите за тоа прашање уште не се завршени. Не постигнавме договор, какви и да се написите, шпекулациите коишто ги гледаме во весниците“, изјави Барние.

И британската влада во средата објави дека уште ништо не е финализирано во преговорите со Европската унија, и оди да ги коментира написите за отштетата.