Лондон ќе бара екстрадиција на двајца Руси за нападот со „новичок“ во Солсбери

Британската влада е подготвена да поднесе барање за екстрадиција во Москва за двајца Руси осомничени за извршување на нападот со нервниот агенс „новичок“ во Солсбери, а во кој едно лице загина, а три се повредени, пренсеува Гардијан според извори во безбедносните служби. Обвинението е подготвено, па сега се чека само да се поднесе барање Русија да ги испорача своите државјани на Лондон.

Овој потег доаѓа по неколкумесечните макотрпни истраги од страна на стотици офицери од полицијата и разузнавачките агенции. Тие имаат склопено мозаик за движењата на двајцата Руси, од нивниот влез во Велика Британија па се до нивното заминување.

Според изворот на Гардијан, барањето ќе предизвика дестабилизација на и така кревките дипломатски односи со Русија, која сигурно ќе го отфрли барањето.

Изворите велат дека истата шема за напад била изведена во 2006 година при нападот на Александар Литвиненко, кој беше отруен со полониум. И тогаш Лондон во 2007 година осомничи двајца Руси за нападот и побара нивна екстрадиција, но Москва го одби.

Истражувачите откриле дека „новичок“ бил донесен во Лондон во шишенце парфем, со кој била намачкана или испрскана кваката од вратата на домот на Сергеј Скрипал, кој беше отруен заедно со ќерката Јулија.

Откако го нанеле отровот на кваката Русите шишенцето го фрлиле во еден од парковите во Солсбери, каде го нашол Черли Роули, кој го однел во својот дом. Таму неговата пријателка Даун Стурџес го пробала парфемот и го испрскала на зглобовите под дланките и на тој начин примила поголема доза „новичок“ од другите. Затоа само таа не го преживеала нападот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.