Лондон не исклучува испраќање борбени авиони за Киев

Британскиот министер за одбрана Бен Валас, кој минатата пролет на почетокот од украинската војна беше „жртва“ на измамата од руските пранкери зборувајќи за британска помош при рестартирањето на украинската нуклеарна програма., во четвртокот изјави дека Лондон не ја исклучува можноста да испрати авиони во Украина, истовремено предупредувајќи дека тоа не значи „волшебно стапче“ со оглед на потребното време за обука.

„Бев јасен за авионите. Ако има нешто што научивме изминатата година, тоа е да не правиме ништо однапред и да не исклучуваме ништо“, изјави Валас.

Киев бара напредни борбени авиони од четврата генерација, а последните денови го конкретизираше барањето на повеќенаменските борбени авиони „F-16“ од американско производство како помош за да ја одврати руската инвазија врз Украина во периодот кога руската војска бележи напредување на истокот од земјата. САД соопштија дека засега не планираат да испратат „F-16“ во Украина, како и Франција и претходно Велика Британија, но другите земји како Полска се поотворени по ова прашање.

Според воените аналитичари, како и во случај со испораките на тешките западни офанзивни тенкови на Украина, најновото барање укажува дека украинските воздухопловни сили претрпеле големи загуби во војната којашто за три седмици ќе навлезе во втората календарска година.

„Многу сум отворен да размислувам за секаков вид систем оружје, не само за авиони, за да ѝ помогнам на Украина. Тие работи не се случуваат преку ноќ. Обуката на украинските пилоти би траела со месеци“, истакна Волас додавајќи дека „нема волшебно стапче за тој ужасен конфликт“.

Портпаролот на британскиот премиер Риши Сунак во вторникот изјави дека авионите „ „Eurofighter Typhoon“ и напредните „F-25“ се исклучително софистицирани и оти се потребни месеци обука.