Лондон вознемирен од извештаите за смртта на Британец во украински Соледар

Кабинетот на британскиот премиер Риши Сунак соопшти во четвртокот дека извештаите за смртта на еден од исчезнатите Британци во источниот украински град Соледар во одметнатата проруска област Доњецк, се загрижувачки но Лондон сѐ уште не може да ги потврди тие информации, пренесува Sky News.

„Извештаите со коишто располагаме денеска предизвикуваат длабока загриженост… Би повикал на претпазливост при поставувањето на ова прашање додека не бидат проверени тие извештаи“, одговорил портпаролот на британскиот премиер.

Претходно службата за односи со јавноста на рускиот претприемач Евгениј Пригожин, основач на приватната воена компанија „Вагнер“, објави дека на отворената телефонска линија „Прашај го Вагнер“ на 8-ми јануари било примено барање за информации и пронаоѓање на двајца Британци во Соледар. Телото на еден од нив било пронајдено откако борците на оваа групација влегле во градот пред два дена, и кај него биле пронајдени документи и на двајцата Британци пријавени за исчезнати.

Британскиот радиодифузер BBC во вторникот објави дека извори од британското министерство за надворешни работи во врска со двајцата исчезнати Британци во Соледар им „дава целосна поддршка на семејствата“.

Според британските медиуми исчезнатите Британци се идентификувани како 48-годишниот Ендрју Багшо и 28-годишниот Кристофер Пери, кои во Украина „работеле доброволно“ а последен пат биле видени минатиот петок како се упатуваат во градот Соледар кога руските единици ги интензивираа обидите за заземање на стратешки важниот град.

Во четвртокот портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, одговарајќи на прашање на странски новинари акредитирани во Кремљ во текот на редовниот дневен брифинг, рече дека не се запознаени со детали за загинувањето на Британецот и за какви и да се контакти со Лондон во врска со тоа. Додаде дека доколку британската страна испрати до Москва барање за информации за ситуацијата со загинувањето на Британецот во Соледар, тоа ќе биде разгледано.

Министерството за одбрана на Обединетото Кралство во вторникот соопшти дека Русија „најверојатно“ го контролира поголемиот дел од Соледар по повеќемесечна битка со украинските сили.

Но проруските сепаратисти посочуваат дека практиката на Западот уште по превратот во Киев од 2014 година, а особени од минатата година, е своите професионални војници и команден кадар да ги испраќаат во редовите на украинските сили, како наводни регуларни војници. Покрај тоа, лани руските медиуми пренесоа информација од безбедносните структура дека дваесеттина активни специјалци на британски SAS биле уфрлени на боиштето крај Л’вов, на западот на Украина.

Ланскиот јуни американскиот истражувачки новинар Сет Харп објави преписка со американски платеник кој исто така учествувал во борбите во Украина дека припадници на британската Специјална воздушна служба (SAS) учествуваат во борбите во редовите на украинските единици.

Минатиот септември, петмина британски државјани кои беа заробени од силите поддржани од Русија беа ослободени откако Саудиска Арабија посредувала за размена меѓу Русија и Украина на 10 затвореници. Со тоа на Британците Ејден Аслин, Џон Хардинг, Дилан Хили, Ендрју Хил и Шон Пинер, кои од страна на судот во Доњецк беа осудени на смрт поради учества во напади во кои се убиени цивили и деца, им беше дозволено да се вратат дома по неколкумесечното заробување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.