Лос Анџелес ќе ја запира водата во домовите каде се организираат забави во време на пандемијата

Властите на калифорниската метропола Лос Анџелес ќе започнат со прекинување на снабдувањето со вода и електрична енергија во домовите во кои се организираат големи забави во време на пандемијата на коронавирусот, изјави во средата градоначалникот Ерик Гарсети кого го цитира агенцијата Bloomberg.

Соодветните препораки веќе се издадени на градската администрација за управување со водните ресурси и електричната енергија. Носењето на мерката е поттикнато од острото зголемување на бројот на случаите на инфекција со новиот коронавирус, а стапува на сила од 7-ми август.

„Видовме репортажи (во медиумите) за масовни забави и собири на кои се кршат мерките издадени во периодот на пандемијата. Ваквите настани станаа своевидни ноќни клубови“, изјави Гарсети објаснувајќи ги новите мерки на властите на Лос Анџелес.

Според последните информации од средата, во Лос Анџелес во последните 24 часа биле регистрирани 2.300 нови случаи на зараза со коронавирусот, како и уште 68 смртни исходи. Од почетот на епидемијата во САД, во градот се регистрирани 197.000 сличаи на зараза и 4.800 смртни исходи на болеста Covid-19.

Во последните неколку седмици неколку американски сојузни држави, меѓу кои се Флорида, Аризона, Тексас и Калифорнија забележаа рекордни стапки на случаи на коронаинфекции на дневно ниво. Локалните власти поради тоа го прекинаа претходно започнатиот процес на олеснување или укинување на рестриктивните мерки воведени за сузбивање на ширењето на коронавирусот,

Според податоците на Универзитетот „Џонс Хопксинс“, во САД потврдени се над 4,8 милиони заразени со коронавирусот, а починале над 158.200 луѓе.