Лозарите измамени и оваа година, откупот катастрофален

Несигурен откуп, катастрофално ниски цени, лоши временски услови и незаинтересираност на премиерот Зоран Заев и министерот за земјоделство, шумаратво и водостопанство Аријанит Хоџа, и оваа година се причина за незадоволство на лозарите од Тиквешијата.

Имено, речиси како секоја претходна година така и оваа берба на грозјето помина катастрофална, а лозарите беа оставени сами на себе да се снаоѓаат, бидејќи премиерот Заев наместо со лозарите, предвреме ја започна изборната кампања па повеќе време посвети на митинзите, а за проблемот со кои се соочуваат лозарите речиси и да не го спомна.

За незадоволството на кавадаречките лозари најдобро говори и протестот пред винарската визба Тиквеш, каде револтот го изразија преку истурање на грозјето бидејќи како што рекоа, не само што се ниски цените, туку се променети преку вечер и условите за откуп на грозјето, што според нив е недозволиво.

Повеќе лозари според тврдењата добиле покани за да берат сорта „кратошија“, но откако стигнале со полни трактори пред визбата им било кажано дека грозјето нема да им биде откупено, доколку не надминува 19 малигани. Потоа за грозјето со 19 малигани и помалку им била понудена цена од само 8 денари за килограм.

Независно од шеќерната единица на грозјето и од цената на грозјето, трошоците само за извршување на бербата се 3 денари од килограм, плус 1 до 1.5 денар во зависност од оддалеченоста на лозовиот насад до винарската визба. Ова значи дека 50 проценти од вредноста на цената паѓаат на само еден сегмент од трошковите во текот на една годишна берба.

Додека пак лозарите мака мачат, а нивниот труд и мака и понатаму се омаловажува, министерот Аријанит Хоџа на ова гледа како политички профит, тврдејќи дека бил постигнат договор за откупна цена со винариите. Но според него, тоа некому не му одговарало, па, како што вели, инсценирал протести, за да се прекине откупот.

Ова дополнително го подгреа револтот, одговарајќи му на Хоџа дека апсолутни невистини се неговите обвинувања и наместо да меша политика, да им излезе во пресрет и да го реши проблемот со кои се соочуваат.

„Апсолутна невистина е дека помеѓу лозарите имало провокатори, водени од партиски мотиви, а уште пак помалку дека дури и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев е вмешан во било што поврзано со протестот. Тој единствено дојде таму и остана до крај со лозарите, а ако министерот за земјоделство Арјанит Хоџа смета дека некој нешто планирал за политички поени, требаше и самиот да дојде пред винарската визба, и лично да се увери што се случува. Беше поканет и информиран за настаните од страна на лозарите, уште на самиот почеток, пред да бидат истурени приколките со грозје пред винаријата Тиквеш, негова беше одлуката да не дојде“, раскажуваат лозари кои беа дел од протестот кој се случи пред винарската визба Тиквеш во Кавадарци.

И Цветан Трипуновски, поранешен дополнителен министер за земјоделство од ВМРО-ДПМНЕ реагираше за ваквиот однос кон лозарите и Тиквешијата, порачувајќи му на Хоџа наместо да глуми портпатол на владата веднаш да го реши проблемот на лозарите, бидејќи доколку повторно дојде до протест тој заедно со лозарите ќе застане во првите редови и ќе ги штити нивните интереси и барања, нагласувајќи дека трудот и маката на македонските земјоделци никогаш не бил потценет и понижен како овие 4 години откако СДСМ е на власт.

„Го слушам Аријанит Хоџа како се обидува да го релативизира проблемот на лозарите од Тиквешијата со кој патем четири години се соочуваат овие луѓе при откуп на грозје. Па би сакал да му порачам две работи:
Наместо да глуми портпарол на владата и на неговиот ментор Зоран Заев ВЕДНАШ ДА ГО РЕШИ ПРОБЛЕМОТ НА ЛОЗАРИТЕ. Негова обврска како министер не е да прави поделби и да дава паушални изјави, туку да најде решение за проблемите при откуп на грозјето. Трудот и маката на македонските лозари никогаш не бил волку потценет како што е сега.
Се фали дека бил во комуникација со лозарите, па ме интересира со кои лозари сте во комуникација министре, каде бевте кога лозарите го истураа својот род пред винарската визба Тиквеш?
Второ, апелирам до вас, да не глумите жртва и да не продавате лажна загриженост зошто и тоа го правите на многу лош начин, туку веднаш како министер за земјоделство да го решите проблемот на лозарите.
И за крај, кога веќе имате ургенции како што се фалите дека на ваша ургенција лозарите биле примени кај раководството на Тиквеш, ургирајте за повисока цена на грозјето.Посакувам вакви ситуации да не се повторат, бидејќи доколку повторно дојде до ова, јас министре ви ветувам дека ќе застанам во првите редови со лозарите, се до решавање на нивните проблеми.
Овде нема простор за политика. Овде нема простор за лаги и манипулации. Овде се работи за трудот, маката, потта, честа и егзистенцијата на лозарите и нивните семејства“, стои во фб статусот на Трипуновски.