ЛШ: Ајакс славеше во Лондон

Во првиот дуел од полуфиналето на Лигата на шампионите, младиот тим на Ајакс во Лондон го совлада домашниот Тотенхем со 1:0, правејќи голем чекор кон финалето во најелитното континентално натпреварување, бидејќи реваншот на 8-ми мај ќе го игра пред своите навивачи.

Ова беше трет меѓусебен европски дуел на Тотенхем и Ајакс. Претходниот пат тие се судрија во септември 1981 година во шеснаесетфинаелто на Купот на победниците на куповите и тогаш двапати беше подобар Тотенхем со 3:1 и 3:0, а таа сезона лондонскиот тим дојде до полудфиналето каде беше елинимиран од идниот победник на купот, Барселона со 1:1 и 0:1.

Решавачкиот погодок го постигна Дони ван де Беек во 15 минута. Младиот играч за врска беше на работ од недозволена позиција, меѓутоа шпанскиот судија Антонио Матеу Лахоз по проверка на ВАР-от го призна погодокот.

Дуелот меѓу двете најголеми изненадување во годинешната сезона од Лигата на шампионите му припадна на Ајакс кој беше доминантен во првите дваесеттина минути од мечот со Тотенхем, а кој настапи ослабен без својот најдобар стрелец Хари Кин кој е повреден и Сон Хеунг-мин поради картони. Се чини дека во првиот меѓусебен дуел на „Спарс“ и „Копјаниците“ по дури 38 години, клучно беше изостанувањето на двајцата споменати фудбалери во лондонскиот тим, иако во второто полувреме Ајакс беше притиснат во својот шеснаесетник.

Во 15 минута Ајакс поведе по правовременото проигрување од Зијеч на ван де Беек, кому не му беше тешко да ја пласира топката крај немоќниот домашен голман Уго Љорис. Иако постигна важен гол на гости, екипата од Амстердам не се повлече, напротив продолжи со нападите па во 24 минута Љорис со нога го одбрани удари на ван де Беек од близина. Домашните, кои се обидуваа да ја искористат предноста во играта на високи топки и скокот на Љоренте, најдобрата можност во првиот дел ја имаа во судиското продолжение но Алдевирелд со глава биеше за малку над голот.

Во второто полувреме Тотенхем тргна по брзо израмнување што би му дало време да оди и на победа на домашен терен, па во 50 минута гостинскиот голман Онана го одбрани волеј ударот на Деле Али. Домашните напаѓаа во бранови, но во екот на нивните настојувања Бразилецот Давид Нерес во 78 минута ја имаше можеби шансата да го реши полуфиналето, но од десетина метри по додавањето од Тадиќ ја погоди стативата.

Ајакс досега осум пати стасуваше до полуфиналето на Купот/Лигата на шампионите и притоа шест пати минал во финалето, а четири пати ја освојуваше европската титула. Но последен пат тоа беше во 1995 година. Тотенхем, пак, досега само еднаш има стасано до полуфиналето, пред 57 години кога е елиминиран од португалска Бенфика. Ајакс има освоено и еден Куп на УЕФА во 1992-та и Куп на победниците на куповите во 1987 година, додека Тотенхем има два Купа на УЕФА во 1972 и 1984 година, и Куп на победниците на куповите во 1963 година.

Во второто полуфинале во среда навечер на „Ноу Камп“ ќе се соочат Барселона и Ливерпул, а реваншот ќе се игра на 7-ми мај на „Енфилд“.