ЛШ: Јуве нокаутиран во Израел, Сити запрен во Копенхаген

Maccabi Haifa and Juventus FC in Haifa, Israel, 11 October 2022. EPA/ABIR SULTAN

Фудбалерите на израелскиот претставник Макаби во Хаифа приредија големо изненадување победувајќи го Јувентус со 2:0 во средбата од четвртото коло од Групата Х во Лигата на шампионите, остварувајќи ја првата победа во ова натпреварување во последните 20 години.

За израелскиот првак ова е само третото учество во Лигата на шампионите по сезоните 2002/2003 и 2009/2010, а последната победа на Макаби во елитното континентално натпреварување ја оствари пред 20 години кога го совлада Манчестер Јунајтед со 3:0. Таа сезона екипата од Хаифа беше трета во групната фаза и продолжи во тогашниот Куп УЕФА.

Јувентус со овој пораз само ја продлабочи резултатската криза туркајќи го Масимилиано Алегри чекор поблиску до отказ, откако италијанскиот великан во последните девет мечеви во сите натпреварувања оствари само две победи.

Домашните поведоа веќе во 7 минута со голот на Омер Атцили, а истиот играч во 42 минута одлично погоди и за 2:0. Во меѓувреме Макаби можеше да дојде до погодок и до 12 минута, но шутот на Тјарон Чери заврши во стативата.

Јувентус во првиот дел беше немоќен, единствена вистинска шанса гостите ја имаа во завршницата во првиот дел, но Душан Влаховиќ не беше прецизен. Во продолжението „Старата дама“ се обидуваше да стори нешто, но не успеа да постигне барем почесен погодок.

Во вториот дуел од групата ПСЖ подоцна вечерва ја пречекува Бенфика. На табелата водат ПСЖ и Бенфика со по седум бодови, додека Макаби и Јувентус имаат по три бода.

 

Во првиот дуел од Групата Г, Копенхаген и Манчестер Сити одиграа 0:0. Минатата седмица „Граѓаните“ над истиот противник славеа со 5:0, но во реваншот на стадионот „Паркен“ се одигра без голови.

Ова е првото реми на Сити во групната фаза по трите последователни победи со гол-разлика 11:1, додека за Копенхаген е четвртото домашно реми со 0:0 во групната фаза – Манчестер Сити, Севилја, Порто и Лестер Сити.

Англискиот првак во Данска настапи без првиот свој стрелец Ерлинг Халанд, кого Пеп Гвардиола реши да го одмори. Норвешкиот напаѓач дои поштеда првпат сезонава, а наместо него играше Хулиан Алварез.

А овој напаѓач од Аргентина веќе во 7 минута имаше одлична можност, но шутираше покрај десната статива. Четири минути подоцна Родри со фантастичен удар од 20-ина метри погоди во самиот горен агол, но португалскиот судија Артур Соареш Диаз по асистенција на ВАР-от го поништи погодокот затоа што Ријад Марез во текот на акцијата играл со рака.

А тоа беше само почеток на неволјите на Алжирецот на мечот кој долго ќе го памети. Во 25 минута со рака играше и домашниот играч Николаи Боилесен, а судијата со по асистенцијата на ВАР-от покажа на белата точка. Марез го изведе пеналот, но Камил Грабара го одбрани неговиот удар.

Пет минути подоцна Сити остана со играч помалку. Серхио Гомез го собори Хакон Амар Харалдсон, повторно се огласи ВАР-от, по што Дијас го исклучи Гомез. Гвардиола веднаш реагираше вадејќи го од игра индиспонираниот Марез.

Сити имаше одлична шанса и на отворањето на вториот дел, но голманот Гарбара го одбрани ударот на Кевин Де Брујне. Иако со играч помалку, Сити го контролираше темпото на игра со помош со брзи куси додавања, меѓутоа немаше многу возбудувања.

Во вториот дуел вечерва играат Борусија Дортмунд и Севилја. На табелата води Сити со 10 бодови, Борусија има шест, Копенхаген два а Севилја еден.