Луѓе и „копилиња“, како состојба на духот

1120
страшо ангеловски

Како многу мал, на пет – шестгодишна возраст, додека уште живеевме во Прилеп чув збор кој до тогаш не го бев чул – „копиле“. Нормално со детска љубопитност запрашав некого од возрасните што значи зборот. Ми одговорија дека „копиле“ е дете кое не знае кој му е татко, па оттука не знае ниту по таткова линија на кое семејство припаѓа, кои му се бабата и дедото по таткова линија, од каде му е потеклото…

Подоцна, кога пораснав, осознав дека тоа е всушност бескрупулозен и бесчувствителен печат од малограѓанската средина втиснат во кревката душа на дете осудено да расте без дел од сознанието за своето минато, за своето семејно стебло, за историјата на своите предци. Многу од таквите деца, несреќни заради она што го доживеале, потрошија дел од животот барајќи ги своите корени, своето место во запишаното минато. И ниту едно дете не го заслужуваше ова грдо име како осуда од околината во која растеше, најмногу затоа што воопшто и немаше сопствена вина. Како што впрочем ниту едно дете на светот не може да носи вина за која било постапка од своите родители.

Деновиве, конечно, го осознав вистинското значење на овој грд збор, на зборот „копиле“. Преку изјавите на двајца експоненти на актуелната власт, едниот дури и некаков ако не се лажам советник на инсталираниот премиер. Преку изјавата на едниот дека македонскиот народ е „направен“ во 1945-та и преку легендарната изјава на другиот дека Гоце Делчев немал македонски пасош, конечно се просветлив дека зборот „копиле“ своето значење го има во состојбата на духот, а не во состојбата запишана во книгите на локалниот матичар. Осознав дека „копилиња“ биле луѓе кои самите бегаат од сопственото потекло, од сопственото минато, од сопствената историја, луѓе кои се подготвени и книгата на локалниот матичар да ја искинат за да се избришат себе си. И книгите на сите матичари на овој свет, доколку е потребно, за да го избришат сопствениот народ.

И откако „копилињата“, како состојба на духот, се накотија со геометриска прогресија во годиниве, откако е насилно инсталирана оваа антимакедонска власт и откако почнаа да служат како логистичка поддршка за дефинитивно бришење на македонското постоење, решив, иако тоа речиси никогаш не го правам, да им одговорам на овие две несреќни суштества. (Колку ли мора да си несреќен кога знаеш дека си искористен во битката за бришење на сопственото постоење и сопствената историја, преку бришење на постоењето на сопствениот народ? Зашто ако не си несреќен, тогаш „имаш проблема са собом“, што би рекле северните соседи).

На првата теза дека македонскиот народ е „направен“, најверојатно по порачка, во 1945-та, бидејќи на господа му требаа седум дена за да го „направи“ светот, само ќе запрашам колку дена му требаа на Исус од Кумровец да го направи тој народ? Кој ден точно заврши неговото „правење“ за да можеме како на етикетата на некоја, на пример конзерва со месен нарезок да напишеме – „Македонски народ – произведен,(на пример) на 12 јули 1945 година. Рок на траење: 73 години“.

И ќе објаснам: единствено нешто што од 1945-та до 1991-та се правеше вештачки, беше националната припадност „Југословен“. Посебно, во осумдесеттите години од минатиот век тој процес на создавање вештачка нација беше засилен, па, од со векови постоечките Словенци, Хрвати, Срби, Македонци, Албанци…се создаваа Југословени. Токму синовите и внуците на тие кои тогаш во својата комунистичка авангардност брзаа да се испишат од книгата на постоењето и да се впишат во новосоздаденото вештачко јато, денес со целиот свој жар, по втор пат, се испишуваат од книгата на постоењето на македонскиот народ, за да се впишат во некоја нова вештачка творба. Толку околу тоа кој е „направен“, а кој допрва треба да се „прави“.

И наместо заклучок за првата теза – за жал, секогаш внатре во македонскиот народ имало, има и ќе има „копилиња“, како состојба на духот, кои брзајќи да влезат во вештачки создадено јато, го негирале, го негираат и ќе го негираат сопственото и постоењето на сопствениот народ.

Втората теза зошто Гоце Делчев немал македонски пасош би била најсмешното нешто изречено во јавност, доколку не претставува најтажен, но и најподмолен обид да се оправда бришењето на македонскиот народ дури и преку бришење на неговите херои, длабоко запишани во колективната меморија. Подмолно подметнување – не зошто Петко од Овчарани, не зошто Станко од Горна Џумаја, не зошто Јанко од Теарце немале македонски пасоши, туку токму зошто Гоце Делчев

Па, нормално доколку преку изместената теза се докаже дека штом Гоце Делчев немал македонски пасош затоа што не бил Македонец, Петко, Јанко и Станко нормално дека не се Македонци бидејќи и тие немале македонски пасош. Аналогијата е повеќе од јасна – и ние, нивните потомци не сме Македонци.

И повторно ќе објаснам: Се сеќавате ли вие, подметнувачи на вакви тези, на времето кое го живеевте во поранешната СФРЈ? Се сеќавате ли дека бевте запишувани како Македонци? Како оние де, вештачки направените во 1945-та, како конзерва месен нарезок, ама сепак Македонци. И имавте ли македонски пасош се до 1991-та? Имавте исто толку, колку што имаше Гоце Делчев во туѓа држава. Немавте. Немавте затоа што исто како и Гоце, сеуште го немавте остварено вековниот идеал за самостојна, суверена и независна држава. Со свој пасош, се разбира. А тој, сепак и без тоа парче хартија, беше Македонец, се бореше и загина за Македонија. Зашто чувството, а не пасошот ве прави припадник на еден народ.

А вие, вие тажни инструменти за логистичка поддршка во процесот на бришење на македонското постоење, вие веќе 28 години имате македонски пасош. И едвај дочекавте да го фрлите и да земете нов од една вештачки и насилно создадена држава, зашто пасошот во џебот не ве прави Македонец. Единствено чувството во срцето тоа ви го овозможува. И секако, состојбата на духот.

Само состојбата на духот создава луѓе и „копилиња“. Наспроти „копилињата“, луѓето создаваат народ со свест и припадност. А, народот создава држава. Ние Македонците го создаваме македонскиот народ и македонската држава. Така било, така и ќе биде.

 

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.