Лугано: Поддршка за обнова на Украина, но потребно е да се спроведат внатрешните реформи

Меѓународната дводневна конференција во Швајцарија за обновата на Украина кога некогаш ќе заврши војната со Русија, заврши во вторникот со потпишување на ткн Декларација од Лугано која содржи низа начела по коишто ќе се води процесот на обновување и закрепнување на земјата.

Потписниците на Декларацијата, претставниците на повеќе од 40 земји и меѓународни организации, вклучително и Организацијата за економска соработка и развој (OECD) и Европската инвестициска банка (EIB), се обврзаа на политичка, финансиска и техничка помош за Украина која тврди дека обновувањето на земјата би можело да чини меѓу 750 и 1.000 милијарди американски долари.

Потписниците на Декларацијата од Лугано, исто така, ја осудија „руската воена агресија“ и ја повикаа Москва „да ги повлече трупите“ од Украина.

Принципите кои се наведуваат во Декларацијата се внатрешните реформи на Украина, а Европската унија особено наведува дека Киев ќе мора да оствари напредок во областа на владеењето на правото, зауздувањето на олигарсите, борбата против ендемската корупција и осигурување на основните права и транспарентност, одговорност и почитување на законите. Се бара и еднаквост на родовите, вклучителност и одржливост.

„Ефикасното и транспарентно управување и ефикасната и остра координација меѓу донаторите и владата се клучни за закрепнувањето“, изјави Алфред Камер, директор на европската филијала на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – IMF).

Камер тврди дека спроведувањето на реформите, за да се зајакнат институциите и јавните политики, ќе придонесе во преоформување на стопанството и ќе го поттикне растот и животниот стандард на Украинците.