Луис Енрике се откажа од селекцијата на Шпанија

86

Четириесет и деветгодишниот досегашен селектор на фудбалската репрезентација на Шпанија, Луис Енрике, поднесе оставка поради семејни причини, соопшти во средата претседателот на Шпанската фудбалска федерација, Луис Рубиалес, на вонредната прес-конференција во Мадрид.

Рубиалес не сакал да открие кои се причините, додавајќи дека наместо Енрике, „Црвената фурија“ ќе ја преземе досегашниот помошен тренер,41-годишниот Роберто Морено. Меѓутоа, дел од шпанските медиуми наведуваат дека една од ќерките на Енрике тешко се разболела.

„Одлуката ја донесе Луис. Тоа е негова лична работата на којашто не можеме да влијаеме. Благодарни сме му на времето што го мина во репрезентацијата“, порачал Рубиалес.

Поранешниот тренер на Рома, Селта и Барселона, ја презема шпанската репрезентација во август минатата година по светското првенство во Русија и под негово водство селекцијата запиша осум победи и два пораза.

Последните месеци Енрике двапати ја напушташе репрезентацијата поради семејни причини. Првпат во март непосредно пред мечот со Малта, а пота и во јуни годинава. Во двата случаи тимот го водеше Морено, а под негово водство шпанската селекција ги победи Малта со 2:0, Фарските Острови со 4:1 и Шведска со 3:0.

„За мене ова е слатко-горчлив ден. Сонував за тоа да бидам тренер, но не на овој начин. Ќе работиме искрено и ќе се обидеме да ја продолжиме работата којашто ја започна Луис Енрике“, порачал Морено, кој инаку нема искуство во самостојно водење екипа.

Челниците на шпанскиот сојуз замолија за потполна дискреција и почитување на интимата на селекторот, а Енрике на играчите им оставил писмо во кое ги моли да молчат. Шпанскиот дневен спортски весник Marca ноќ пред натпреварот со Малта го нарече „најдраматичното во историјата на репрезентацијата“.

„Ова е најлошиот ден во мојатата кариера. Луѓето ми честитаат на победа, а нема на што да ми честитаат, Тоа се околности кои не смееја да се случат“, рече Морено по мечот против Малта.

Тогаш се огласи и репрезентативниот капитен Серхио Рамос.

„Сакавме да победиме поради селекторот и да му покажеме дека целосно сме со него. Шефе, сите сме многу тажни поради вестите. Семејството е светост. Се надеваме дека сѐ ќе биде во најдобар ред“, напиша Рамос.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.