Луис Суарез го потврди заминувањето на Денис Суарез од Барса

Напаѓачот на ФК Барселона, Луис Суарез, потврди преку фотографија на социјалните мрежи дека клубот ќе се раздели со играчот од средниот ред – Денис Суарез.

Халфот преминува на стадионот „Емирати“ како позајмен во Арсенал до крајот на сезоната, откако стана целосно непотребен во составот на Ернесто Валверде.

Денис Суарез воопшто не одржа тренинг со каталонците вчера и тоа ги засили гласините дека тој е пред преминување во редовите на „топџиите“.

Арсенал ќе има можност да го купи Шпанецот, но не е обврзан да го стори тоа. Денис се очекува да го продолжи договорот со Барса до летото 2021 година.

Ова ќе овозможи на шпанскиот шампион да ги задржи уздите поцврсто во преговорите со друг клуб во текот на летото или следната зима.

„Со среќа во следната фаза“, напиша Луис Суарез на фотографијата, на која го прегрнува својот соиграч.