Луизијана шестата американска држава која го забрани абортусот

Демократскиот гувернер на американската сојузна држава Луизијана, Бил Едвардс, го потпиша законот со кој се забранува абортусот кој е можен уште во шестата седмица од бременоста, со што им се придружи на петте други јужни држави во кои на власт се конзервативците кои оваа година усвоија слична мерка.

Гувернерот Бил Едвардс го потпишал законот кој претходно беше усвоен и во Претставничкиот дом и во Сенатот на Луизијана во кои мнозинството го имаат републиканците.

Официјално абортусот се забранува кога ќе се „детектираат отчукувања на срцето на плодот“, што може да се случи веќе во шестата седмица од бременоста. Исклучок е единствено ситуацијата во која животот на мајката би бил загрозен. Силувањето и инцестот не се аргументи за исклучок, според овој закон.

Луизијана со ова стана петтата држава која има ваков закон, по сојузните држави Мисисипи, Кентаки, Охајо и Џорџија. Алабама отиде чекор понатаму и ги забрани буквално сите абортуси.

Во сите наведен држави, освен во Луизијана, гувернерите кои ги потпишале законите се републиканци. Едвардс, меѓутоа, е демократ. Законот го туркаше државниот сенатор Џон Малкович, кој исто така е демократ. Иако со својот став за абортусот се исклучоци во Демократската партија, и двајцата во своите политички кариери и претходно истакнуваа дека се против абортусот.

Законот во Луизијана, меѓутоа, нема да стапи на сила сѐ додека за законот во соседната држава Мисисипи, кој го блокираше понизок суд, не донесе одлука сојузниот апелационен суд. Ниту во другите споменати држави законите всушност не стапија на сила и се очекува дека сите ќе бидат преиспитувани на судовите.

Американските медиуми пишуваат дека станува збор за евидентен тренд на конзервативните пратеници и активистите на кампањата „За живот“ да се поништи пресудата на Врховниот суд од случајот „Роу против Вејд“ од 1973 година со кој на сојузно ниво е дозволено правото на прекин на бременоста. Се надеваат дека новите ограничувања за абортусот ќе дојдат до највисокиот американски суд каде што двајцата нови конзервативни судии би можеле да го соборат споменатиот судски случај.

Експертите кои се наклонети кон демократите, пак, тврдат дека формулацијата „срцеви биења“ е наводно манипулативна, и оти во шестата седмица од бременоста повеќето жени сѐ уште не знаат дека се бремени.

„Во оваа фаза од бременоста тоа не е плод туку ембрион со големина од седум до осум милиметри. Тоа што тогаш може да се детектира не се отчукувања на срцето, туку електрична активност на група клетки кои се програмирани подоцна да се развијат во срце. Отчукувањата на срцето намерно погрешно се користат за да се замаскира вистинската намера на законодавците, а тоа е, всушност, абортусот потполно да се забрани“, вели Џенифер Кернс, професорка по гинекологија и опстетриција на Калифорнискиот универзитет.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.