Лукашенко ќе бара помош од Путин да остане на власт

Денес белорускиот претседател Александар Лукашенко ќе ја побара поддршката од Владимир Путин на клучниот состанок, по големите протести во Минск петти викенд по ред, на кои се бара негова оставка.

Лукашенко, соочен со најсериозната криза во последните 26 години на власт, ќе отпатува во руското црноморско одморалиште Сочи, свесен дека неговата судбина е во рацете на Путин.

Економската и воена поддршка од Москва може да му помогне да ја сврти ситуацијата во своја полза, бидејќи неговите безбедносни сили брутално постапуваат со демонстрантите.

Белоруската опозиција го обвинува Лукашенко за местење на претседателските избори минатиот месец, додека тој рече дека победил со 80 проценти поддршка. Оттогаш, илјадници луѓе се уапсени и скоро сите клучни лидери на опозицијата се затворени, депортирани или принудени да ја напуштат земјата.

Десетици илјади демонстранти вчера излегоа на улиците на главниот град на Минск, провоцирајќи го Лукашенко со извици „Ти си стаорец“. Полицијата соопшти дека уапсила повеќе од 400 лица.

Досегашните постапки на Путин сведочат дека тој не сака да го види падот на водачите на соседната поранешна советска република под уличен притисок – иако Лукашенко честопати се покажуваше како комплициран и тежок сојузник, пренесува „Хина“.

Минатиот месец Путин рече дека е подготвен да испрати полициски сили во Белорусија на барање на Лукашенко, но само доколку немирите во таа земја излезат од контрола. Денес Русија ќе ги испрати своите сили во Белорусија на заеднички „словенски братски“ воени вежби до 25 септември, објави новинската агенција РИА, цитирајќи ги зборовите на министерот за одбрана.

Русија исто така понуди реструктуирање на долгот на Белорусија и поддршка на банкарскиот систем. Цената на понатамошната поддршка на Москва може да биде прифаќање на Лукашенко за уште поголема руска доминација над двете земји.

Кремљ долго време се залагаше за поблиска политичка и економска интеграција со Минск, вклучително и заедничка валута, но Лукашенко се спротивстави на притисокот од неговиот помоќен сосед.

Сепак, позицијата на белорускиот лидер може да стане крајно несигурна доколку протестите продолжат. Вчерашниот ден беше еден од најголемите досега.