Лукашенко положи заклетва за претседател, САД и ЕУ не го признаваат

Александар Лукашенко за САД не е легитимно избран претседател, изјави претставник на Стејт департментот по вчерашното ненајавено положување заклетва на Лукашенко за нов претседателски мандат.

„Изборите на 9 август не беа ниту слободни, ниту фер“, го пренесува Си-ен-ен ставот на американските власти.

Официјалниот став на САД за непризнавање на Лукашенко доаѓа неколку дена откако високиот претставник на Европската Унија Жозеп Борел пред Европскиот парламент изјави дека изборите на 9 август во Белорусија биле фалсификувани, а ЕУ не го признава Александар Лукашенко за легитимен претседател на Белорусија.

Инаку, вчерашната инаугурација на Лукашенко за неговиот шести претседателски мандат се случи ненајавено во земјата во која со недели наназад граѓаните протестираат против лажирањето на изборните резултати. Координативниот совет на белоруската опозиција во изјава по положувањето заклетва на Лукашенко побара од САД, ЕУ, Велика Британија, Канада, Кина и Русија да заземат јасна позиција за непризнавање на Лукашенко како легитимен претседател на Белорусија.

Опозицискиот кандидатат на изборите, Светлана Тихановскаја ја нарече вчерашната инаугурација на Лукашенко за фарса. Во меѓувреме, протестите на улиците во Минск продолжија и вчера, на кои полицијата употреби водени топови и приведе неколкумина демонстранти. ЕУ веќе јасно им предочи на белоруските власти дека планираат да воведат санкции за одговорните лица во земјата, не само поради начинот на кој се одржаа изборите, туку и за стотиците регистрирани случаи на тортура од полициските власти врз приведените демонстранти за време на протестите.

Од поголемите светски сили, единствено Русија и Кина очекувано застанаа на ставот за признавање на Александар Лукашенко за претседател на Белорусија по одржаните избори на 9 август.