Лукашенко се ослободи од двајцата главни ривали на изборите

Белоруските власти им забранија учество на двајцата главни ривали на авторитарниот шеф на државата, Александар Лукашенко, на претстојните претседателски избори, јавува агенцијата АП.

Централната изборна комисија одлучила дека на гласачкото ливче ќе има пет кандидати, но таму нема да се најдат Валери Цекало и Виктор Бабарико, со што го оставија Лукашенко без сериозна конкуренција.

Бабарико, поранешен директор на банка во сопственост на Русија, собрал повеќе од 400.000 потписи за поддршка, четири пати повеќе од потребниот број, но бил уапсен минатиот месец под обвинение за перење пари.

Како причини за одбивање на неговата кандидатура, властите ги навеле недоследностите во декларацијата на имотот и учеството на странска организација, руската банка „Белгаспромбанк“, која некогаш ја водел, во својата кампања.

Од штабот на Бабарико изјавиле дека тие ќе ја обжалат одлуката до судот.

Цепкало, поранешен амбасадор во САД и основач на успешен високо-технолошки парк, доставил 160.000 потписи за поддршка, но комисијата наведе дека 75.000 биле валидни, што не се доволни за кандидатура.

Сопругата на популарниот блогер Сергеј Тихановски, уапсена под обвинение за напад врз полицаец, ќе се кандидира на изборите. Неговата сопруга Светлана Тихановска престанала да води активна кампања, плашејќи се од дополнителна одмазда од властите.

Аналитичарите проценуваат дека ниту еден од преостанатите кандидати не претставува закана за Лукашенко (65), кој ќе се избори за шести претседателски мандат на изборите на 9 август. Лукашенко, познат по задушувањето на опозицијата и независните медиуми, управува со земјата со 9,5 милиони жители од јули 1994 година, пренесуваат европските медиуми.