Лукашенко: Западот сакаше да започне војна со Русија во 2021-ва

Западните земји планираа да започнат војна со Русија во периодот меѓу 2021 и 2022 година, тврди белорускиот претседател Александр Лукашенко во интервју за рускиот телевизиски канал Россия 24 и истакнува дека тоа наскоро ќе биде обелоденето во јавноста, а „подли“ ги нарече изјавите на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во врска со Минските договори од 2014 и 2015 година.

Според Лукашенко, судирот требало да се случи, како што вели , доколку беше во полза на Западот исходот од масовните протести во 2020 година по неговиот повторен убедлив избор на претседателската должност, за што Минск тогаш ги обвини западните соседи членки на НАТО и Европската унија кои го организирале и координирале протестите на слабата белоруска опозиција.

Во тој случај, продолжува Лукашенко, земјите од НАТО би ја преземале власта во Белорусија со помош на прозападната опозиција и веднаш би избиле на руската граница кај западниот руски град Смоленск. Потоа, Западот имал намера да ја започне војната со Русија преку масивна офанзива на украинската војска во Донбас на што Москва би била присилена да одговори,

„Како изговор за тоа тогаш требаше да послужи обвинувањето дека Русија заземала туѓа (во случајов украинска) територија. Оттука, војната требаше да започне во 2021/2021 година, а Русија дејствуваше превентивно“, вели Лукашенко.

По неуспешниот обид кон крајот на декември 2021-ва Русија да добие безбедносни гаранции од САД и НАТО за неширење кон нејзините граници, на 24-ти февруари руската војска изврши инвазија во Украина, Претседателот Владимир Путин ја нарече „специјална воена операција“ со ограничени сили и цели чијашто цел е „заштита на луѓето (руското и рускојазичното населени во Донбас) кои осум години беа подложени на тормозење и геноцид од страна на режимот во Киев“.

Изјавите на Меркел за договорите од Минск со кои требаше да запре украинската граѓанска војна по превратот во Киев во 2014 година, се „гнасни и подли“ вели во продолжение Лукашенко, оценувајќи дека поранешната германска канцеларка „се обидува да биде во тренд“.

„Тоа, навистина, едноставно е одвратно, тоа е подло (…) Таа се однесувала ниско, подло, таа сака да биде во тренд (….) Ниско и подло, не само како Меркел, туку тие (гарантите на договорите Германија и Франција) ако го правеле тоа за да измамат… Сепак сѐ беше сериозно“, оцени Лукашенко.

Договорите од Минск постигнати во 2014/2015 година требаше да бидат основа за решавање на суридите во Донбас. Тие беа постигнати со посредство на ОБСЕ, Русија, Германија и Франција, и предвидуваа широка автономија на регионите со доминантно руско и рускојазично население во составот на Украина.

Лукашенко смета дека во времето на склучувањето на Минските договори, намерите на тогашна германска канцеларка Ангела Меркел и тогашниот украински претседател Петро Порошенко биле сериозно во барање решение за запирање на вооружениот судир во Украина.

„Украина би можела да го сочува територијалниот интегритет доколку беа имплементирани договорите од Минск“, уверен е белорускиот претседател.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.