Луксембург прва европска држава која ќе ги легализира производството и купувањето на канабис

Луксембург ги повика своите соседи од Европска унија да ги олеснат законите поврзани со опојните дроги откако министерот за здравство Етиен Шнајдер ги потврди плановите дека сака да станат прва европска држава која ќе легализира производство и конузмирање канабис.

– Овие политики кои во моментот се спроведуваат и постојат веќе 50 години, очигледно не функционираат. Со забраната на се само ги привлековме младите луѓе тоа да го конзумираат. Се надевам дека сите ќе имаме поотворен став кон дрогите, посочи Шнајдер.

Предвидено е полнолетните жители на Луксембург да можат да купуваат канабис за рекреативни цели за две години. Државата ќе го регулира производството и дистрибуцијата на канабис. Кон крајот на годината ќе биде претставен нацрт закон со повеќе детали за типовите канабис кои ќе се продаваат и начинот на оданочување.

Според Шнајдер најверојатно со закон ќе биде забрането странци да купуваат канабис во Луксембург со цел да се спречи нарко туризмот.

Предвидено е и малолетници на возраст од 12 до 17 години да не бидат криминализирани ако поседуваат пет или помалку грама канабис, додека за поседување на поголемо количество ќе бидат парично казнувани.

Во Луксембург веќе е легализирана употребата на канабис во медицински цели. Декриминализирано е и поседувањето на мали количини канабис во рекреативни цели, но купувањето, продажбата и производството за сега се нелегални.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.